Сите патишта денеска водат кон Кратово

 

Стартуваат Златни Денови Кратово 2015. Градот кој овој викенд ќе ги обедини сите љубители на одличната забава и музика од цела Македонија. 

Само за потсестување, во петок забавата на главната бина започнува од 20:30 до 22:30 часот како вечер посветена на неповторливиот македонски народен пејач, Јонче Христовски, чии песни ќе бидат изведувани од страна на Виолета Томовска, Јордан Митев, Атина Апостолова, Ефто Пупиновски и Блага Петреска. Истите ќе бидат придружувани од оркестарот Академци под водство на маестро Сашо Ливрински.

Во продолжение на вечерта ќе настапат ѕвездите од овогодинешниот Х ФАКТОР, Боби Мојсовски, Давид Темелков, ИВА и Night Control, како и нашиот минатогодишен победник и претставник на овогодинешниот избор на Евровизија. Оваа вечер на главната бина ќе можеме да уживаме и во енергичниот настап на Куку Леле.

Забавата за присутните ќе продолжи и после полноќ, на базенот во Кратово, каде по 01:00 часот ќе настапат ДЈ Бранчез,  ДЈ Жак и ДЈ Кокс.

Следниот ден дневната програмата продолжува пред платото на Музејот на Град Кратово, каде ќе настапат: Тамбураши, Чалгии како и локални музичари.

Потоа настанот се префрлува на главната бина, каде во вечерните часови од 20:30 ќе настапи најекспонираниот етно состав во овој момент кај нас, Чалгија саунд систем.

Главната сцена во сабота ќе биде вжештена со настапот на човекот со најголем број хитови, Бајага и Инструктори.

И оваа вечер најиздржливите ќе можат да уживаат во забавата на базенот во Кратово, каде што по 01:00 часот за атмосферата ќе бидат задолжени  ДЈ-Боби и ДЈ Жак.

Последниот ден, во недела во 12:00 часот напладне пред платото на Музејот на Град Кратово ќе настапуваат хорот и солисти на Златно Славејче заедно со својот другар и долгогодишен водител на фестивалот Влатко Илиевски, а по нив манифестацијата ќе продолжи на малата сцена пред домот на културата.

 

 

Оцени ја веста

26.06.2015 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега