Мендух Тачи се сретна со Коѕиас
Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска во Амбасадата на Грција во Скопје, се состана со високата делегација на Министерството за надворешни работи на Република Грција предводена министерот Никос Коѕиас. На средбата, како што соопшти ДПА, се разговарало за актуелната политичка ситуација во земјата, како и за процесите на излез од актуелната политичка криза. Исто така, тема на дискусија било деблокирањето на интеграциските процеси и унапредување на меѓу-соседските односи меѓу двете земји. Тачи го запознал министерот Коѕиас со понудата на ДПА за надминување на внатрешната политичка криза и потребата за побрзо решавање на спорот за името со Грција, што, како што посочил, ќе овозможи интеграција на земјата во евро-атлантските структури, НАТО и ЕУ. Соговорниците се согласиле дека регионалната стабилност се постигнува преку здрави меѓу-соседски односи, и во овој контекст, посочиле, решение на прашањето за името преку компромис е многу важно за добри меѓусоседски односи, регионалната безбедност и стабилност. Надминувањето на оваа разлика, оцениле двајцата соговорници, го отвора патот за интеграција и воедно обезбедува подобра перспектива за земјата и за целиот регион.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа