Груевски: Нова историја во делот на поддршката на иновативните идеи
Претставници на 16 млади компании чии проекти беа избрани на првиот конкурс за кофинансирани грантови на стар ап и спин оф претпријатија и иновации, распишан од Фондот за иновации и технолошки развој, денеска ги потпишаа договорите со Фондот за нивна реализација во вкупна вредност од 458.700 евра.
Премиерот Никола Груевски, настанот, кој е прв од овој вид, го означи како испишување нова историја во делот на поддршката на иновативните идеи во Република Македонија.
- Моето лично задоволство пред се произлегува од мојата длабока убеденост дека развојот на иновативниот и претприемачки дух во Македонија е процес кој треба интензивно да се помага и поттикнува посебно затоа што тоа не било правено во минатото, а процесот е од големо значење за многу развојни сегменти во нашата држава. Овие процеси се особено важни, пред се, поради фактот што и по повеќе од 20 години од напуштањето на социјализмот, развојот на претприемачкиот дух и иновативниот пристап во нашата земја е се уште на едно релативно ниско ниво. Тоа не е присутно само кај повозрасните, туку и кај значително мнозинство на млади луѓе кои воопшто не го живееле времето на социјализмот, а сепак ги чувствуваат влијанијата од тоа време, истакна Груевски.
Според него, се уште е широко распространет менталитетот на пасивна индивидуа и филозофијата дека најбитна е дипломата, а државата е таа која треба да најде соодветно вработување за таа диплома без будење на креацијата кај младите луѓе како самите да заработат, да направат бизнис, да се самовработат. Ова, додава, делумно е резултат на воспитанието пренесено од родителите, на образовниот систем во Македонија, кој иако во изминатите 20 години постепено се менуваше генерално ја занемаруваше праксата и поттикнувањето на креативниот потенцијал кај младите, но и на немањето слух и поддршка од страна на претходните влади кон поединци и фирми во делот на иновациите и претприемништвото.
- Целата оваа атмосфера ние како Влада решивме сериозно да ја промениме. Во изминативе неколку години преземавме бројни мерки и кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух кај населението, да го разбудиме креативниот дух кај младите, да ги поттикнеме да бидат похрабри, да веруваат во себе и да го искористат максимумот од своето знаење, вештини и идеи, рече премиерот Груевски.
Во тој контекст ги наведе бројните измени во наставните содржини за основно и средно образование, воведување комплетно нови наставни програми по предмети поврзани со претприемништвото, бизнисот и иновациите, донесувањето национална стратегија за претприемачко учење, како и донесувањето Закон за иновации чиј составен дел е и формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој како централна институција за развој и спроведување на националната политика за иновации и технологии.
- Вашите проекти се одличен пример дека Македонија располага со моќни умови, храбри луѓе и со силна база на креативен и иновативен потенцијал. Се надева оти со овој прв оглас преку Фондот за иновации и технолошки развој ја раздвиживме базата на креативен и иновативен потенцијал со која Македонија располага, додаде премиерот и најави дека до крајот на годинава е планирано преку ФИТР да се распише уште еден повик за поддршка на иновативни проекти. Вкупниот буџет за 2015 година за оваа намена изнесува 2 милиони и 280 илјади евра, а до крајот на 2017 година вкупно 10 милиони евра за поддршка на овој вид проекти.
Директорката на Фондот Јасмина Поповска изрази задоволство од интересот, бројот на апликации, како и од иновативноста на пристигнатите предлог-проекти на првиот распишан повик за кофинансирање грантови на старт ап претпријатија и иновации.
- Ова беше препознаено и од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции составен од меѓународни експерти кои ја донесоа одлуката за финансирање. Успехот се должи и на добрата соработка со партнерите на Фондот - претставниците на Светска банка, стопанските комори, универзитетите и општините, рече Попоска.
Оваа поддршка многу значи за 16- те фирми кои беа избрани за финансирање.
-Оваа поддршка е многу значајна за старт-ап компаниите во Македонија и ќе им овозможи да се фокусираат повеќе на развој на производи и иновации, отколку да се работи само на аутсорсинг. Нас ќе ни помогне многу да го забрзаме развојот и промоцијата на нашата платформа EmbedSocial, истакна Никола Бојков од компанијата Ебизнис.
-Средствата ќе ги искористиме за развој на апликацијата. Ние сме мала компанија со ограничени ресурси за развој и истражување, така што овие средства се добредојдени да профилираме еден продукт и да се обидеме поагресивно да настапиме на светскиот пазарБојан Ѓуричиќ, ко- сопственик на Идекс системи.
Во втората половина од оваа година ќе биде објавен и втор повик за сите инструменти на Фондот со расположлив буџет во износ од милион и 680 илјади евра.
Платформа за навигација и известување во затворени простории, микропроцесорко управување на печки на пелети, изработка на интелигентни лежечки полицајци, системи за домашна автоматизација се дел од 16 - те проекти кои се избрани на првиот повик на Фондот за кофинансирани грантови на старт ап и спин оф претпријатија и иновации.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа