ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ узурпира имот правен и граден од сите граѓани
СДСМ е партијата која како наследник на Сојузот на комунисти го доби нивниот целокупен имот. Овој имот е граден од заеднички пари на сите граѓани во поранешната држава и се проценува на повеќе милиони евра. Имот правен и граден од сите граѓани, денес припаѓа само на СДСМ. Си го присвоиле и до ден денес го узурпираат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за изјавата на Петре Шилегов.
Во продолжение Ви го пренесуваме целиот текст интегрално:
СДСМ располага со 1669 квадратни метри во центар на Скопје, имаат близу 2700 квадрати парцела во центар на Скопје, имаат деловни простории од по 500, 400 квадратни метри во Битола, Ресен, Кавадарци и многу други градови, односно во сите поголеми места во државата. Но кога се работи за општетствен имот кој си го приграбиле за себе, тогаш СДСМ никаде ги нема. Ако се чесни, нека го вратат тој имот на оние кои го граделе, на сите граѓани.
СДСМ се обидува стопати повторена лага да ја претвори во вистина. Вистината е дека ВМРО-ДПМНE за сиот имот кој што го поседува има уредна документација и целокупниот имот е стекнат на легален начин, а вредностите кои од ракав денес ги тресеше Шилегов се неточни. Ваквите прес конференции на СДСМ се само нервозен обид да манипулираат со јавноста.
Впрочем ако зборуваме за имот тогаш и СДСМ и Петре Шилегов се повикани да дадат објаснување како го стекнале истиот.
Што се однесува до Петре Шилегов, тој самиот треба да и дава одговори на јавноста, за тоа како е возможно да зема кирија за имот на неговата сопруга кој не е пријавен, како е возможно да наплаќа кирија во сопствениот стан за сопствената фирма, како стекнал накит и злато во вредност од 130 илјади евра, и уметнички слики во вредност од над 50 илјади евра со своите ниски примања, и на крајот како успеал да стекне вкупен имот од повеќе од половина милион евра.
Во врска со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повторуваме дека е спроведена во целосно легална постапка за која постојат документи и факти. ВМРО-ДПМНЕ распиша јавен повик за доставување на понуди за соинвеститор за изградба на градежен објект на земјиште кое е во сопственост на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Целиот процес е транспарентен и во согласност со законските нормативи, објавен во четири дневни весници што е показател дека градежните активности не се тајна. Понудувачите понудија процент од бруто развиената површина кој ќе му го отстапат на сопственикот на градежното земјиште(во случајов ВМРО-ДПМНЕ), што воедно беше еден од основните критериуми за избор на најповолен понудувач, а кој процент не смее да биде под 30% од бруто развиената површина. Што значи приватен инвеститор го гради земјиштето во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ за свои комерцијални цели, а за возрат треба да отстапи најмалку 30% од корисната изградена површина на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој случај ВМРО-ДПМНЕ нема никакви трошоци за изградба на објектот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа