Иванов од Отава: Да се либерализира визниот режим со Канада

 

Македонија и Канада ги карактеризираат одлични билатерални односи со позитивна развојна динамика, без отворени прашања, е оценето на средбите во Отава на претседателот Ѓорге Иванов со претседателот на кланадскиот Сенат, Ноел Кинсела и со претседателот на Долниот дом на Парламентот, Ендру Шиир.

Претседателот Иванов го нагласил долгорочниот интерес на Република Македонија за интензивирање на политичкиот дијалог со Канада преку размена на посети на високо ниво и во тој контекст ги реафирмирал поканите до генералниот гувернер Дејвид Џонстон и до премиерот Стивен Харпер за посета на нашата држава.

Како што соопшти кабинетот на Иванов, претседателот на Сенатот, Кинсела, ја прифатил поканата за официјална посета на Република Македонија во блиска иднина.

На средбите било искажано задоволство од постигнатото ниво на парламентарна соработка меѓу двете земји, и поздравено неодамнешното формирање на Парламентарната група за пријателство со Македонија во канадскиот Парламент.

- Уверен сум дека позитивниот развој на парламентарната димензија ќе придонесе за натамошно интензивирање на соработката во сите останати области од заемен интерес, истакнал претседателот Иванов, нагласувајќи ја подготвеноста и интересот на Република Македонија за јакнење на економската, културната и научно-образовната соработка.

Во тој контекст, на средбата со претседателот на Сенатот било разговарано за конкретни проекти во областа на високото образование и изразена е заложба, во соработка со надлежните институции од двете земји, да се иницира отелотворување на истите во најскоро време.

Претседателот Иванов, како што стои во соопштението од неговиот Кабинет, ги запознал соговорниците за актуелностите во процесот на разговорите за прашањето за името. Во тој контекст, ја нагласил конструктивноста на Република Македонија и изразил задоволство од зголемената динамика на процесот. Посочил дека пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја потврдува конструктивноста на Република Македонија, како и иницијативите за соработка со Грција.

На средбите била истакната значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.

На средбите претседателот Иванов изразил посебен интерес за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, а во таа смисла и за зголемување на директните канадски инвестиции во Република Македонија. Го посочил и интересот за унапредување на успешната соработка во доменот на одбраната, како и во други области од заемен интерес, пред се  културата, науката и образованието.

Македонскиот претседател искажал интерес за либерализација на канадскиот визен режим кон Република Македонија, како и за унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави.

Шефот на македонската држава со своите соговорници разменил мислења и за состојбите во Југоисточна Европа, нагласувајќи дека цел на Република Македонија е и понатаму да се подобрува заемната доверба во регионот и да се промовира добрососедството.

Македонскиот претседател своите соговорници ги запознал и со регионалните иницијативи „Процес за соработка на земјите од Југоисточна Европа“ (ПСЈИЕ) и форумот „Дијалог на цивилизациите“.

Во Армиската менажа на Отава е одржан прием на кој претседателот Иванов бил пречекан од канадската свечена регимента и од Грета Хејл, почесниот полковник на Пешадиската гарда на генералниот гувернер на Канада. На македонскиот претседател во таа пригода му бил подари специјален Свечен меч со посвета од Канадската свечена регимента

ФОТО: МИА

најчитано сега