Ден на Охридското Езеро
Велосипедска трка околу Охридското Езеро, чистење на охридското крајбрежје, плажите, Љубаништа, Лагадин, Трпејца,... се дел од активностите со кои денеска ќе биде одбележан Денот на Охридското Езеро, 21 јуни.
Целта на одбележувањето е да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото од македонска и од албанска страна, но и да се покаже дека туризмот е базиран врз ендемизмот и еколошките услови што ги нуди охридскиот регион.
- Важно е колку е старо Охридското Езеро, но уште поважно е колку ние ќе го заштитиме, порача Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Воспоставувањето на Денот на езерото, пред 16 години, според Пановски, било пред се заради неговата важност, но и да се покаже дека и македонската и албанската страна се заедно во заштитата на езерото, институционално и легислативно преку транспонирање на програмите и директивите на Европската унија во законодавството на двете земји, дека имаме желба и капацитети да се грижиме за него и да се отвори една порта за соработка меѓу науката, технологијата и политичарите кои носат одлуки.
- Шеснаесет години подоцна можеме да кажеме дека во одредени делови сме успеале околу заштита на Охридското Езеро, но се соочуваме и со нови предизвици кои произлегоа овие години, пред се поради интересот за економски равзој на општините од двете страни. Предизвици кои од нас бараат дополнителни напори за да ја објасниме еколошката приказна дека овој регион треба да остане автохтон, да остане присутно она што е ендемично, бидејќи тоа е прикзната што можеме да ја продадеме за себеси и за сите што имаат интерес за Охрид. Охридскиот регион да остане една оаза, не заради УНЕСКО и признанијата од меѓународните организации, туку пред се заради нас. Или сами ќе се штитиме или никој нема да не заштити, нагласи Пановски.
Денот на Охридското Езеро се одбележува од 21 јуни 2000-та со различни активности, наизменично секоја година во трите езерски градови – Охрид, Струга и Поградец.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа