Утре и задутре второ пријавување во средните училишта во јунскиот уписен рок

 

Утре и задутре во средните училишта низ Македонија почнува второто пријавување и запишување на ученици во јунскиот уписен рок за учебната 2013/2014 година.

Според информацијата на Министерството за образование и наука, по првото пријавување во јуни, има слободни места за 20.523 ученици.

Од нив 13.177 за настава на македонски јазик, 6.480 за настава на албански јазик, 804 за турски, 33 за српски јазик и 29 места за повторувачи. За гимназиско образование слободни се 5.611 места, а за стручно образование 14.890.

Во првото пријавување на првиот уписен рок, 24-ти и 25 јуни, се запишале 13.137 ученици - 5.780 во гимназиско и 7.311 во стручно образование.

Уписот е завршен за гимназиско образование во скопските училишта „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Никола Карев“, „Орце Николов“ и во „Георги Димитров“. Завршен е и за здравствена струка во кумановското училиште „Наце Буѓони“ во паралелките на албански наставен јазик, во струшкото „Нико Нестор“ во паралелките на македонски наставен јазик, во „Димитар Влахов“ во Струмица. Слободни места нема ни во „Васил Антевски-Дрен“-Скопје за образовниот профил правен техничар (слободни места има само за економски техничар) и во паралелките на албански наставен јазик во „Арсени Јовков“-Скопје.

Резултатите од запишувањето и слободните места од второто пријавување во јуни ќе бидат објавени на 4 јули.

ФОТО: Кумановоњуз

 

најчитано сега