Експертите препорачуваат: Македонија да се прилагоди на климатските промени

 

Повардарскиот и Југоисточниот регион се најпогодени региони во Македонија од климатските промени, покажуваат истражувањата кои  беа презентирани на денешната работилница „Резултати од анализата на ранливост на одредени сектори од климатските промени, препораки за адаптација и акциски план“, организирана од Министерството за животна срединаи просторно планирање.

Анализата на ранливост е дел од активностите на проектот за изработка на третиот Национален извештај за климатски промени, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ).

Професорот Душко Мукаетов од Институтот за земјоделство посочи дека има намалување на посевите како последица од климатските промени. Според него, земјоделците ќе мора да се прилгодат на временските промени.

- Земјоделците да не се плашат да применуваат некои од предложените адаптивни мерки, да употребуваат квалитетно семе, да ја штедат водата со примена на модерните системи за наводнување како системот капка по капка, порача Мукаетов.

Според Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, посебно опасни топли бранови го зафаќаат југоисточниот дел на Македонија кои влијаат врз здравјето и каде во летниот период е зголемена потребата од медицинска помош кај постарите лица.

На работилницата беа презентирани резултатите од анализата на ранливост кон климатските промени во клучните сектори:  водни ресурси, земјоделство, здравство, биолошка разновидност и шумарство.

Одделни региони би страдале повеќе, како југоисточниот и централниот дел, каде промените можат да бидат најдраматични. Ваквите климатски промени би се одразиле негативно врз сите сектори од економијата, земјоделството, шумарството, водните ресурси, биодиверзитетот и врз здравјето на луѓето.

Порастот на просечната температура за 6,5 Целзиусови степени до 2100 година, ќе доведе до пократко траење на снежната покривка на Галичица, Бистра, Јабланица и исчезнување на најголем дел од сегашните пасишта. Може да дојде до намалување на приносите на винова лоза за 59 отсто на доматот за 84 отсто, јаболката за 59 и луцерката за 70 проценти. Климатските промени во земјава може да предизвикаат поинтезивни и продолжени сушни периоди поради намалување на врнежите во летниот период за 16-26 отсто.

Климатските промени се глобален проблем. Постојат многу докази и висок степен согласност во научните кругови дека климатските промени се должат на зголемените емисии на стакленички гасови од човечки активности, во прв ред емисиите на јаглероддиоксид при согорувањето на фосилните горива. Емисиите на овие гасови за последните три децении пораснаа за 70 отсто, со тенденција за понатамошно зголемување ако во иднина се задржат тековните практики и однесувања.

Според некои анализи, вкупното намалување на емисии што може да се постигне е 20 проценти во однос на тоа кога не би се преземале мерки за намалување. Во секторот енергија тоа би се остварило со промена на гориво – јаглен и нафта со гас, обновливите извори на енергија – хидроенергијата, соларната, ветерната, геотермалната енергија и биомасата.

најчитано сега