Мицковски: Слободоумните граѓани не се пронаоѓаат во борбата на опозициската партија
Мрачното сценарио на Заев доживува дебакл. Тоа е веќе повеќе од очигледно. Дури и најголемите поддржувачи на опозицијата веќе отворено зборуваат дека е готово, и дека опозициската борба не дава резултат, а сето тоа е одговорност на Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и раководството на СДСМ. По Арсим Зеколи и жестокиот критичар на власта Ивор Мицковски распали по Заев.
Во својата објавена колумна Мицковски истакнува дека слободоумните и опозициските граѓани не се пронаоѓаат во понудата и борбата на опозицијата. Тој пишува дека опозицискиот митинг на 17 мај не ја постигнал својата цел и бил неуспешен. Митингот се роди и умер истиот ден, пишува Мицковски. Тој го критикува Заев за манипулацијата која ја сее меѓу членството со утописката приказна дека власта наводно била готова што се покажало како неточно, и додава дека опозицијата нема никаква политичка понуда.
Во продолжение ви пренесуваме дел од колумната на Ивор Мицковски под наслов Оттуѓеност во време на Отпор.
“Во ова време на општа егзалтираност, пофалба или омраза, потрага по крв и огромни очекувања, додека критичката мисла и понатаму тоне, приметувам, иако помалку апсурдно, како нашата загубеност, наместо да се намалува, се повеќе расте. Зборувам се разбира за луѓето кои гајат опозициски сентимент, биле афилирани или не кон главната опозициска партија. Се разбира, од загубеноста не се поштедени ни оние кои се декларирани партиски активисти, но тоа што мене ме интересира во контекстот на отуѓеност, се бројните слободоумни и опозициски граѓани, кои не се пронаоѓаат во понудата и „борбата“ на опозициската партија.
И самите сме сведоци како постојано бруи таа дискусија околу тоа кој протестира „граѓански“, а кој „партиски“, кој е автентичен во отпорот, а кој е со новостекната памет. Искрено, најголемиот дел од таквите поделби и проблематики ги сместувам во трошењето време на одлепување етикети, но, ако погледнеме подлабоку, ќе видиме дека станува збор за една општа конфузија, за потрага по јасна идентификација, а во исто време и независност, нешто што извира од желбата за јасна идеја и правец, а притоа и слобода пред слободата, во постигнување на целта – обединување и дефинитивно освојување на слободата!
Дури и последниот голем опозициски митинг не ја постигна врвната цел за нашето општество – обединување на севкупниот опозициски настроен потенцијал во земјата. Со денови се дискутираше дали бил граѓански или партиски, и без да навлагам во општествените алхемии, тоа е само потврда дека целта не била постигната. Уште една потврда за таквиот исход е што најпозитивниот момент од 17-ти мај, односно, масовното излегување на граѓаните, интелектуалата, скопските мангупи, се роди и умре на истиот ден. Тоа што следуваше, Шаторијадата или утврдувањето на протестот во време на преговори, не само што ги избрка тие граѓани, кои не се пронаѓаат под партискиот шатор, туку и дополнително ги збуни околу смислата за продолжување на протестите.
Уште помалку на луѓето им е јасно, зошто повеќе да протестираат, кога им беше презентирана една „максимистичка“, речиси утописка приказна дека режимот е готов, дека само што не паднал, дека нема да постојат компромиси или преговори, а да не зборувам за отсуството на понудата што потоа, кој потоа, и како после режимот. Ете, оттука мислам дека извира тој контрапродуктивен момент на отуѓеност во време на протести, кога наместо идејата за борбата и како ќе се постигнат целите да се кристализираат кај широките граѓански маси, тие дополнително се замаглуваат.
Доколку тој што се става на водство на слободоумниот народ или претендира на истото, не е способен на граѓаните да им обезбеди борба и процес на ослободување каков тие посакуваат, само дополнително ќе ја развие отуѓеноста и општествените патологии.
Едноставно отуѓеноста настапува кога индивидуата не се пронаоѓа во своите акции или во акциите на своето опкружување. Или што би рекол Хајдегер, кога не сме господари на моќта која што сме ние самите.
Граѓаните ќе бидат испразнети и ќе се пасивизираат, енергијата ќе се загуби, лидерот и неговите блиски ќе останат сами, а сатрапот ќе добие нов живот. Шаторијади тука не помагаат, особено кога граѓаните не се чувствуваат поканети или дека таму им е местото.
Прашањето кое се поставува е следното, ако граѓаните, и тука не зборам за граѓанските активисти, иако и кај голем дел од нив постои оправдана скепса кон опозицијата и Заев, не можат долгорочно да застанат зад опозицијата, тогаш зад што можат?! Или, можеби прашањето и проблемот се погрешно поставени, и граѓаните не треба да застанат зад нешто, туку навистина да се почуствуваат инволвирани во нешто. Што е тоа нешто, е повеќе од јасно, ќе повторам, нашето целосно обединување по секоја основа, или занемарувајќи ги сите разлики. Проблемот е во тоа што опозицијата е истовремено, и проблем и решение во таа равенка, за која се уште не ја нема пронајдено формулата.”
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа