Дијализа во странство на товар на ФЗОМ
Осигурениците кои привремено престојуваат во странство, на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија еднаш во годината и не подолго од 30 дена, можат да користат дијализа во странска здравствена установа.
На денешната прес-конференција директорот на ФЗОМ Јован Грповски информира дека платените здравствени услуги Фондот ги признава во висина на утврдената референтна цена за дијализа (во износ од 4.855 денари), намалени за висината на пропишаното учество, врз основа на поднесено барање од осигуреното лице.
Грповски ја објасни процедурата која, како што рече, е едноставна. Треба да се поднесе барање на пропишан образец, да се достави медицинска документација за извршената дијализа, потврда дека е платено и трансакциска сметка на која се бара да се направи рефундацијата.
- На овој начин на пациентите им овозможуваме да можат да отидат на годишен одмор, да посетат роднини и пријатели во странство... Ова беше барано токму од осигурениците преку Здружението, истакна Грповски. Истакна дека оваа измена е резултат на соработката на ФЗОМ со невладиниот сектор и додаде оти произлегла како иницијатива на Здружението на пациенти со бубрежни заболувања „Нефрон“.
Претходно Фондот не ги признавал трошоците за направена дијализа надвор од државата, кои се движеле од 150 до 600 евра по дијализа.
ФОТО: Нова Македонија