Ќе се зголемува производството на пченка во Пелагонија и Полог

 

Производство на 15-17 тони пченка по хектар наспроти досегашниот просек од 5 тони во Полошкиот и Пелагонискиот регион преку системот за наводнување „капка по капка“ е целта на четиригодишен УСАИД проект за чија реализација денеска беше потпишан договор со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола.

Како што рече директорот на АПРЗ Јордан Кузмановски, проектот за експанзија на малите бизниси ќе даде значителен придонес во развојот на македонското земјоделство воопшто.

- Ги охрабруваме земјоделците со стекнување на знаењата од овој проект да го зголемат квалитетот и квантитетот на своите приноси. Планираните активности најпрво ќе се реализираат во Полошкиот и Пелагонискиот регион за што се пријавени 44 одгледувачи на пченка, а наскоро со нив ќе бидат опфатени и другите региони во државата, посочи Кузмановски по потпишувањето на Договорот.

- Во ситуација кога климатските промени се поинтензивни, постоењето систем „капка по капка“ за одгледување пченка ќе биде неопходен за да се задржи и зголеми производството и приносот на пченка. Советниците на АПРЗ ќе ни помогнат на терен да работиме со поголем број фармери, интензивно, за да го добиеме посакуваниот резултат, производство на 15-17 тони пченка по хектар, наспроти досегашниот просек од 5 тони, истакна Мирјана Македонска, заменик директор на проектот.

ФОТО:Дневник

 

најчитано сега