Ниту датум ниту заклучок- Македонија не е тема за министрите на ЕУ
Советот за општи работи на Европската унија (ГАК), денеска во Луксембург ќе ги усвои заклучоците за претстојниот Самит на Европскиот совет што в четврток и петок ќе се одржи во Брисел.
Како што јавува дописникот на МИА, министрите за надворешни работи и европски прашања на земјите-членки на Унијата, според агендата на Ирското претседателство, а во однос на проширувањето се очекува да разговараат за можноста за доделување на датум за почеток на преговорите за членство на Србија и потпишување на Договор за стабилизација и асоцијација со Косово.
И покрај четирите последователни препораки на Европската комисија и на Европскиот парламент, Република Македонија денеска нема да добие ниту заклучок, ниту датум за преговори, иако формално таквиот предлог се наоѓа на денешната агенда.
Според најавите, шефовите на дипломатиите денеска само треба да констатираат дека “за можното отворање на пристапните преговори ќе се одлучува на идниот Самит“, што е и констатација на последните состаноци на амбасадорите на ЕУ-земјите во рамки на КОРЕПЕР групата.
Како што објаснија од Ирското претседателство, во Унијата не постои консензус за прашањето во врска со отворање на преговорите со нашата земја, а се работи за противење на Грција и Бугарија, со што и по осум години статус на земја кандидат, Македонија ќе почека на заслужениот датум.