Јавните обвинителства на Македонија и Бугарија потпишаа спогодба за соработка

Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денеска во Скопје со бугарскиот колега Сотир Цацаров потпиша Спогодба за соработка, со цел да се зајакнат контактите во сите области од дејноста на обвинителството.

Спогодбата, како што стои во соопштението од македонското Јавно обвинителство, е во согласност со легислативата на двете држави и преземените меѓународни обврски.

- Соработката се однесува на борбата против организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот организиран криминал, трговијата со луѓе, нелегалната трговија со оружје, наркотични средства и психотропни супстанции, кривични дела во сферата на високата технологија, економски и стопански криминал и други видови на криминал кои претставуваат сериозна закана за општеството и соработка за прашања поврзани со екстрадиција, трансфер на осудени лица и правна помош за кривични предмети, се додава во соопштението.

Двајцата обвинители на средбата ја истакнале важноста на развојот на меѓусебната соработка и партнерство за прашањата од заеднички интерес, како и важноста од квалитативно унапредување и усовршување на носителите на јавнообвинителската функција.

На средбата обвинителите се договориле и за остварување на соработка за подготовка и зголемување на квалификацијата на кадрите во јавното обвинителство, усовршување на организацијата, формите и методите на работа на јавното обвинителство и научно-истражувачка дејност за прашања од заеднички интерес преку размена на информации и искуство, размена на делегации, како и одржување на заеднички научни истражувања, семинари, експертски средби и консултации. 

 

 

Оцени ја веста

20.04.2015 - 16:12
Фото: 
Локално.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега