Вељаноски: Успешно се справивме со предизвиците од финансиската криза

Република Македонија успешно се справи со предизвиците кои произлегоа од глобалната финансиска криза. Во услови на криза, земјата успеа да овозможи одржување позитивен раст и зголемување на вработеноста, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на Конференција на претседатели на парламенти од Европската унија во Рим.  

Во обраќањето насловено „Европа по кризата: нови патишта на раст“, Вељаноски посочи дека за да се неутрализираат или да се намалат негативните последици од кризата врз животот на граѓаните и целокупното општество, Република Македонија спроведе четири пакети антикризни мерки.

- Се овозможи добивката да се оданочува само ако е распределена во дивиденда и се намалија социјалните придонеси и царините. Со антикризните мерки се воведе и мирување на обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување, ослободување од оданочување камати, одлагање на плаќање на даночниот долг, репрограмирање на долгот на 36 месеци, пониско оданочување на земјоделците за 80 отсто, инвестициска програма со која се предвидени голем број инфраструктурни проекти, како и мерки за олеснување на извозот на стоки, рече Вељаноски.

Собранието, посочи тој, активно беше вклучено во процесот на изменување и дополнување на законската регулатива потребна за спроведување на сите овие мерки.

- Нашата држава успешно се справи со предизвиците кои произлегоа од глобалната финансиска криза. Во услови на криза, Република Македонија успеа да овозможи одржување на позитивен раст и зголемување на вработеноста. Како резултат на тоа, невработеноста се намали од 37% во 2004 година на 27% во 2014 година. Ваков раст беше овозможен преку политиката на Владата за поддршка на економијата преку капитални инфраструктурни проекти и привлекување на странски директни инвестиции, рече Вељаноски.

Информираше дека минатата година започна изградба на 104 километри автопат, што претставува голем предизвик, но и ангажирање над илјада работници. Ќе се градат и пет регионални и еден експресен пат со должина од 83,4 км, како и седумдесетина локални патишта со вкупна должина од 125 километри. Во тек е, додаде тој, изградба на пругите кон Бугарија и Албанија, реконструкција на железничките станици низ земјата, а се инвестира и во нови училишта, болници, енергетски објекти, индустриски зони. 

- Исто така, во тек е изградба на гасна инфраструктура. Според предвидените планови, гасификацијата на градовите во државата треба да почне идната година, а до 2022-та година Македонија треба да има целосно изградена гасоводна мрежа. Во овие рамки, ќе продолжи политиката на зголемување на капиталните инвестиции за реализација на крупни инфраструктурни проекти, истакна Вељаноски. 

Покрај капиталните инфраструктурни проекти, значајно за економскиот раст, истакна Вељаноски, е и привлекувањето на странски компании кои би инвестирале во нашата држава. Меѓу другото, основани се технолошко - индустриски развојни зони на повеќе локации низ Македонија во кои за странските инвеститори кои сакаат да инвестираат се нудат најатрактивни пакети на мерки во Европа.

- Во Република Македонија работат голем број реномирани странски фирми, реше првиот парламентарец во обраќањето пред своите европски колеги.

Според него, главен двигател на реформите во сите области кои се имплементираат во Република Македонија е пристапувањето кон ЕУ.

Во последниот Извештај на ЕК е констатирано дека Македонија има постојан напредок во полето на економијата.

- Република Македонија досега оствари доста развојни проекти и активности, а и во иднина ќе се работи на поттикнување на конкурентноста, истовремено овозможување подобри услови за локалните бизниси, како и креирање повеќе и подобри работни места. Главната цел на сите реформи е што поголем дел од граѓаните на Република Македонија да ги користат придобивките од одржливиот раст, рече Вељаноски.

Највено е и негово обраќање на втората сесија на Конференција на претседатели на парламенти од Европската унија во Рим на тема „Јакнење на политичкиот дијалог“. 

 

 

Оцени ја веста

20.04.2015 - 15:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега