Канческа-Милевска во посета на Унгарија

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска  престојува во еднодневна работна посета на Будимпешта, Република Унгарија.

Во тек на посетата Канческа-Милевска ќе има средба со својот унгарски колега Петер Хопал, на која ќе бидат разменети мислења и идеи за досегашните активности и идната соработка во областа на културата меѓу Македонија и Унгарија, соопшти македонското Министерство за култура.

Во Националниот театар во Будимпешта, во рамки на второто издание на реномираниот театарски фестивал „Митем“, вечер пред унгарската театарска јавност Македонскиот народен театар ќе ја изведе „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски, една од најкомплексните претстави од македонската театарска продукција. 

Македонскиот народен театар е единствен учесник од Балканот на фестивалот, кој од 10 до 26 април се одржува во организација на Националниот театар од Будимпешта. Во рамки на фестивалот, освен ансамблот на МНТ, настапуваат уште 20 реномирани театарски куќи од 13 држави од Европа, меѓу кои: „Бург театар“ од Австрија, данскиот „Один театар“, „Талија“ од Хамбург и многу други.  

Националниот театар од Будимпешта на 2 јуни ќе биде гостин на Македонскиот народен театар при што ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу двете институции.

- Македонија и Унгарија негуваат одлични културни врски кои се потврдени и со Програмата за културна соработка за периодот 2014-2016 година, потпишана  во тек на официјалната посета на премиерот Виктор Орбан на Република Македонија, во декември 2013 година, се вели во соопштението.

При престојот во Будимпешта Канческа-Милевска ќе реализира интервју за престижниот весник Magar Hirlap (Маџар Хирлап/Унгарски вести), кој е меѓу првите пет најчитани весници во Унгарија со тираж од над 28 илјади примероци.

 

 

Оцени ја веста

20.04.2015 - 12:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега