Делегација на македонското Собрание на пролетна сесија на ПССЕ во Стразбур

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Александар Николоски во својство на шеф и Имер Алиу заменик-член, од денеска до 24 април во Стразбур, Франција, ќе учествуваат на редовната пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, пренесува МИА.

Како што соопшти собраниската прес-служба, меѓу главните теми на дискусија ќе бидат масовниот надзор, потребата да се почитуваат човековите права и меѓународното право во врска со употребата на беспилотни летала  и целните убиства.

Пратениците ќе дебатираат и за хуманитарните последици од активностите на терористичката група позната како „Исламска држава" и дискриминацијата врз трансродовите луѓе во Европа, потоа законодавството и праксата кои се однесуваат на одземање на децата од нивните семејства во земјите-членки, а ќе се разгледува и пост-мониторинг дијалогот со Монако.

Во текот на сесијата ќе се одржи трибина за политичката и безбедносната ситуација во Украина и нејзините последици, а Собранието ќе ги преиспита и санкциите во однос на руската делегација на која на јануарската сесија ѝ беа одземени правата и привилегиите, како јасен израз на осудата на продолжување на повредите на меѓународното право.

Пред пратениците на Парламентарното собрание,  ќе се обрати Кралот на Белгија, а свое обраќање ќе имаат и Дидие Рејндерс, шеф на белгиската диопломатија, кој ќе ги презентира приоритетите на Комитетот на министри во рамките на белгиското претседателство, како и Нилс Муижниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа, кој ќе го претстави својот Годишен извештај на активности за 2014 година.

Во текот на 2015 година, по принципот на ротација на Република Македонија ѝ припаѓа едно од потпретседателските места во Парламентарното собрание, а според распоредот на априлската сесија се очекува шефот на македонската делегација,  Александар Николоски да ја има честа да претседава со најстарата меѓународна организација во Европа.

За време на сесијата Николоски, во својство на шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, ќе има низа билатерални средби и разговори со пратеници од европските земји.

 

 

Оцени ја веста

20.04.2015 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега