Илегалци, козметика, накит - проверете што заврши во рацете на македонската Царина

 

Минатата недела и викендот, царинските службеници открија 4 царински измами и спречија повеќе обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани репроматеријали, текстилни производи, фалсификати, сребрен накит, козметички производи, мобилни телефони, автоделови и друго. Покрај тоа царинските службеници спречија обид за илегален влез на тројца патници во Република Македонија.

Царински измами

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија 3 обиди за избегнување на плаќање царински давачки.

Во царинската испостава Тетово откриен е обид за избегнување на плаќање царински давачки со погрешно декларирање на потеклото на стоката.

Фирма увозник од с. Скудриње, со две декларации во 2010 година увозно оцаринила текстилни и други производи, при што како доказ за потекло приложила уверенија за движење ЕУР.1 издадени од царинската администрација на Шпанија. Поради сомневање во веродостојноста на доказите за потекло, Царинската управа ги испрати истите на проверка кај царинската администрација на Шпанија, од каде е добиен одговор дека не е докажано преференцијалното потекло на производите опфатени со предметните уверенија.

Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 2,3 милиони денари.

Во царинските испостави Скопје 2 и Куманово откриени се по еден обид за избегнување на плаќање царински давачки со погрешно тарифирање на стока.

Во царинската испостава Скопје 2,  фирма увозник од Дебар пријавила за увозно царинење „Бутан-пропан гас“, деклариран во тарифна ознака со стапка на царински давачки од 2% и стапка за ДДВ од 18%, но при детална контрола на приложените документи било утврдено дека називот на производот е „Пропан-бутан смеса“ и истиот се распоредува во сосема друга тарифна ознака за која се пропишани стапка на царински давачки од 15% и стапка за ДДВ од 5%.

Врз основа на новоутврдената состојба биле пресметани дополнителни давачки во вкупен износ од околу 164 илјади денари.

Во царинската испостава Куманово, фирма увозник од Виница пријавила за увозно царинење „Дехидрирана брусница“ и „Дехидрирана папаја“, првата декларирана во тарифна ознака со стапка на царински давачки од 5% и стапка за ДДВ од 5%, а втората декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 25% и стапка за ДДВ од 5%. При детален преглед на стоката и приложените документи, царинските службеници утврдиле дека производите не се правилно распоредени според Водичот за царинење, односно „Дехидрираната  брусница“ треба да се распореди во тарифна ознака со стапка на царински давачки од 30% и стапка за ДДВ од 5%, а „Дехидрираната папаја“ во тарифна ознака со стапка на царински давачки од 40% и стапка за ДДВ од 5%.

Врз основа на новоутврдената состојба биле пресметани дополнителни давачки во вкупен износ од околу 64 илјади денари.

Репроматеријали, текстилни производи  и обувки

- 168,03 м2 материјал за изработка на обувки (кожа и постава), 9.993 делови за обувки (метални украси, лубови и капни) и 337,5 метри чичак лента и ластика и 190 готови горништа од обувки, откриени од  страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при царинарница Куманово, при контрола на фирма од Крива Паланка, имател на одобрение за царинска постапка со економски ефект - увоз за облагородување.

При извршената контрола, од приложената документација било утврдено дека во магацинот на фирмата не постои залиха на основен и помошен материјал и готови производи,  а за пронајдените материјали одговорните лица не доставиле документација за царинскиот статус.

- 139 готови текстилни производи, 248 делови за долна облека, 8 пара патики и 5 мобилни телефони, откриени во два одвоени случаи, на скопскиот аеродром Александар Велики

Во првиот случај при контрола на патните торби на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул, биле пронајдени 100 готови текстилни производи (маици и мидери) и 248 делови за градници (закопчувања и силиконски украсни прерамки).   
Во вториот случај, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул, биле пронајдени 8 пара патики Нике, 5 мобилни телефони И пхоне и 39 маици Томмѕ Хилфингер и Нике.

- 193 кг. крпи, откриени при контрола на стока пријавена за увозно царинење на царинската испостава Штип. Фирма увозник од Радовиш пријавила за увозно царинење 20.108 кг текстилен материјал од тексас платно, со потекло од Холандија, но при контрола на стоката биле пронајдени 193 кг крпи, што не биле опфатени со царинската декларација и приложените документи. 

Фалсификати

- 447 готови текстилни производи (кратки панталони, маици и кошули) со ознаки на заштитени светски познати марки, откриени при контрола на српска цистерна, управувана од српски државјанин, пријавена за влез во државата на граничниот премин Дојран. Сомнителната стока била пронајдена во еден куфер, една патна торба и 4 кеси сместени пред совозачкото седиште и на креветот, во кабината на возилото.

Пазарната вредност на стоката, доколку би се продавала како оригинал, се проценува на околу 3,5 милиони денари.
Против прекршителот е поведена постапка за утврдување на царински прекршок, а истовремено Царинската управа поведе и постапка за утврдување на оригиналноста на стоката.

- 3 комплети тренерки, 6 маици и 4 мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на поштенски пратки испратени од Кина и Сингапур, наменети за примачи од Скопје, Охрид, Струга, Струмица и Ресен, како и пратки од македонски испраќачи, наменети за примачи од САД и Велика Британија.

Сребрен накит

- 158 грама сребрен накит, откриени при личен претрес на македонски државјанин, патник во турски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Патникот не пријавил ништо за царинска контрола, но при личен претрес, во џебовите од неговата јакна и фармерките биле пронајдени 28 сребрени женски прстени, 46 сребрени обетки и 5 сребрени нараквици.

Друго

- 20 резервни делови за автобуси (плочки и дискови за кочници, лагери, компресор за клима и светилки), откриени при контрола на македонски автобус управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената стока била пронајдена во багажниот простор и просторот за алат на автобусот.

- 170 козметички производи – лосион ЛЕПТЕН од 150 мл, за жени и мажи, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Козметичките производи биле сокриени помеѓу задниот браник и шасијата на возилото, како и во фабричката празнина во багажниот простор, над задното тркало на возилото.

- 1 фискална каса марка Дуна, регистрирана од УЈП на Република Македонија, откриена при контрола на македонски автобус, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Блаце. Касата била пронајдена во торба за лап топ, сопственост на косовски државјанин, патник во автобусот. 

- 1.045,8 килограми пластични закачалки, откриени од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Битола, при контрола на фирма од Охрид, имател на одобрение за царинска постапка со економски ефект - увоз за облагородување со систем на одложено плаќање.

Стоката, која претходно била привремено увезена и не била извезена ниту ставена во некоја друга дозволена царинска постапка, била пронајдена во магацинот за основен и  помошен материјал на фирмата. 

Покрај тоа било утврдено дека фирмата не води евиденција за увезените материјали за облагородување согласно одребите во Одобрението за увоз за облагородување кое го поседува.

За констатираните неправилности против фирмата се изготвени царински записници и поднесени се барања за поведување прекршочна постапка.

Мигранти

На железничката станица Гевгелија, царинските службеници спречија обид на 3 патници илегално да влезат во Република Македонија.

На 22.06.2013 година, при контрола на товарен воз што сообраќал на релација Грција-Австрија, во подвозјето на еден од вагоните биле откриени три илегални мигранти, од кои двајца државјани на Авганистан и 1 државјанин на Сирија.

Пронајдените лица биле предадени на полициските служби на железничката станица Гевгвелија за понатамошна постапка.

(Интегрален текст од соопштение на македонската Царина)

најчитано сега