ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов свесно се подреди во редот лица кои нанесуваат штета на безбедносниот систем на Македонија
Со денешната изјава Петре Шилегов свесно се подреди во редот на лица кои свесно нанесуваат штета на безбедносниот систем на Македонија и на нејзиниот углед, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ.
Зоран Заев и СДСМ, се подвлекува во реакцијата, свесно оддадоа државни тајни кои се однесуваат на спремноста и капацитетот на специјалните единици на МВР и кои се однесуваат на безбедносната соработка со пријателски држави.
- Ниту една празна прес-конференција и ниту една празна пријава нема да може да го покрие срамот кој на себе си го ставија Зоран Заев, Петре Шилегов и СДСМ. Тие покажаа дека се спремни да одат против сопствената држава, против нејзината безбедност, да предизвикуваат дестабилизации, а сето тоа само да се доберат до власт без поддршка од граѓаните, се вели во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ.
И оваа пријава која ја поднесува СДСМ, како и претходните, сметаат од ВМРО - ДПМНЕ, е правно неоснована и нема никаква правна аргументација зад себе. Нивната цел, се посочува во реакцијата, е да се правдаат себе си низ пријави кои ги поднесуваат мислејќи дека бројката на пријави кои ги поднеле е поважна од правната аргументација и доказите во пријавите против нив.
Од ВМРО - ДПМНЕ им порачуваат на СДСМ да не се надеваат дека со вакви тужби, кои ни студент од прва година не би ги напишал, ќе може да се пазарат и манипулираат со јавноста.
- ВМРО-ДПМНЕ нема намера да дозволи СДСМ со себе во калта да ги повлече и стабилноста на државата, државните институции и целиот правен систем. Ако СДСМ за себе донела одлука да биде во калта, тоа е нивно право, но немаат право целата држава и сите граѓани да ги носат со себе, стои во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа