Полуматурантите денеска се запишуваат во средно училиште
Денеска и утре ќе се одржи првиот уписен рок во јавните средни училишта. Вкупно 34.971 место е обезбедено за упис во овие училишта во учебната 2013/2014 година. Од посочените места 22.694 се за стручно образование, 11.597 во гимназиско, 408 во уметничко образование и 272 ученички места во спортска гимназија.
Според јазикот на кој ќе се изведува наставата, 24.029 места се за ученици на македонски наставен јазик, 10.092 места на албански јазик, за турски јазик 816, а 34 места за учениците кои ја следат наставата на српски јазик.
Настава по нови реформирани наставни планови и програми во тригодишното стручно образование ќе се следи во 19 средни училишта во 14 општини земјава, во вкупно 25 паралелки на македонски, албански и турски јазик. Експерименталната програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис ќе се реализира во Државното училиште за физичка култура “Методија Митевски Брицо” во Скопје.
За образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги 60 поени, за електротехничка струка и тоа: за електротехничар за компјутерска техника и автоматика 55 поени, за електротехничар за електроника и телекомуникации 50 поени, а за останатите образовни профили 45 поени. За образовните профили во траење од три години бројот на поени изнесува 30, за сите профили.
Намалувањето на утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот ќе биде за најмногу 5 поени во второто пријавување во првиот уписен рок и уште за најмногу 5 поени во вториот уписен рок, односно вкупно најмногу 10 поени во два уписна рока.
Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот рок ќе биде денеска и утре, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни. Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 28 јуни, а резултатите ќе се објават на 29 јуни. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.
Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 1 и 2 јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 4 јули.