Европска „шпион“ дипломатија

 

Европската комисија реши да не праќа свои експерти за случајот „Пуч“. Одговорот денеска го испратиле до Јавното обвинителство оправдувајќи се дека само Судот може да ја цени работата на обвинителите.
Без некоја посериозна анализа, секој ќе си рече, нормално е Европа да не ни праќа емисари да ни ги следат судските процеси и постапките кои ги водат Обвинителите. Македонија е суверена земја и нејзините судови и обвинителства си имаат капацитет сами да си ги водат процесите без странско менторство или во овој случај, набљудување.

Но дали е така?

Работите може да се гледаат и од друга страна. Одлуката на официјален Брисел да остане без свои набљудувачи во процесот на подготвување на обвинението на аферата Пуч несомнено ќе остави поголем простор за оние кои се засегнати во случајот и кои најверојатно подоцна ќе бидат и обвинети. Меѓу оние кои сега се водат како осомничени а се поизвесно е дека ќе добијат обвинителен акт е и опозицискиот лидер Зоран Заев.
Според она што досега е објавено во медиумите,  Зоран Заев е на тенок мраз на стартот на пролетта. Ако се земат како точни пишувањата на одредени новинари дека амбасадорот на една од највлијателните земји членки на Европската Унија од новинарите на СОРОС барал да се форсира тезата дека случајот со прислушувањето не треба да има судски епилог, тогаш одлуката на Европската комисија да не прати набљудувачи, односно правни експерти во случајот „Пуч“ некако и станува логична. Тоа е нешто како дипломатска поддршка на барањето на амбасадорот криминалот да се решава надвор од судниците, кое доколку е точно отвора мега дипломатски скандал, онаков каков што модерна демократска Европа одамна нема видено.
Истиот тој амбасадор денеска се појави на телевизија. Се разбира, обвинувањата не беа тема на разговор но она што е интересно е дека прв меѓу целиот дипломатски кор во земјава побара да се разговара за техничка влада. Можеби е само коинциденција, но можеби и колегите новинари добиле квалитетна информација.

Од друга страна, одлуката на Европската комисија да не испрати експерти е добредојдена и за внатрешна употреба. Јасно е дека и цела Европска Комисија на чело со Јункер да дојде Заев и неговата партија нема да го признаат судскиот процес. Но добро, Заев е познат во јавноста по тоа што не признава ништо што не е во негова корист, но сепак, доколку имаше европски претставници, тие самите ќе можеа да се уверат, на лице место, како се готви обвинението, со кои докази располага Обвинителството со што ќе останеше потесен простор за манипулации и изговори од типот, „Го признавам само судот на мојата партија.“

Вака, Европа реши да му даде простор на Заев дополнително да ја одработува агендата за која според она што го видовме во признанието на шесто осомничениот во „Пуч“ е раководена од странски центар. (се поверојатно европски)

Но, овој чекор на Европската комисија има и друга димензија. Речи си сите македонски медиуми до почетокот на месецов пишуваа дека ЕК ќе ги испрати своите набљудувачи и дека тие нема само да ја набљудуваат постапката туку дека ќе се вклучат со свое експертско мислење и компаративни анализи и споделување искуство за слични предмети од  европските земји. Во истиот период, во Брисел на самитот на Европската народна партија премиерот Груевски имаше можност за средби со голем број европски лидери како и можност на сите да им каже со какви докази располага државата во случајот со прислушувањето.
Претходно, во Скопје, Хан го покани Груевски на средба во својата резиденција. Опозициските медиуми тогаш анализираа кои се причините поради кои Хан не отишол во кабинетот на премиерот, но од денешен аспект, може да се замисли што се случувало во резиденцијата на европскиот амбасадор во земјава, ако се има предвид дека Брисел денеска барем официјално не сака да види, со какви докази располага македонското Обвинителство.

 

Станува се појасно дека во Европа се свесни дека Обвинителството има силен случај во аферата „Пуч“. Оттука, одлуката да не се испратат правни експерти е само потврда на онаа информација која трет пат ја спомнувам, поврзана со амбасадорот кој барал прислушувањето да не добие судска разрешница. Никој не е толку наивен за да верува дека Македонија досега не и покажала на Европската комисија со каков случај се соочува и дека огромен дел од доказите европските дипломати веќе не си ги прераскажуваат со утринското кафе.
Дилемата е само, дали моќната европска држава лобирала во Брисел да се заштити нејзината дипломатија и да се делигитмира судскиот процес во Македонија со цел доказите кои ќе ги види јавноста подоцна да може да се оспорат или пак намерата е да му се остави повеќе простор за маневар на Зоран Заев кога ќе се соочи со обвинението.
Информациите се дека некаде кон крајот на идниот месец ќе може да се очекува финално обвинение во аферата „Пуч“ по што најверојатно ќе следат и останатите „дипломатски“ активности од Брисел. Тогаш конечно ќе се знае дали Европа вистински верува во нашиот правен систем или прави уште еден обид за манипулација со Македонија и операција за спасување на сопствените служби.

Александар Спасовски
Новинар

 

 

Оцени ја веста

31.03.2015 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега