Груевски до Заев: Џабе пробуваш да не оттргнеш од проектите и делата, ќе се гради и четврт автопат

 

Ги гледам се мачат. Се мачат од петни жили да одработат, да наштетат, да исконструираат нешто. И се нешто се закануваат, се силат, се удираат во гради. Колку тоа срамно изгледа.

Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски, потенцирајќи дека однесувањето на опозициската партија покажува многу јасно дека тие се крајно исплашени, дека се конфузни, дека се во хаос, затоа што сфаќаат дека ова не им проаѓа, и покрај сето нивно силење, и покрај агресијата што ја демонстрираат, тоа се само ситни души кои тргнаа против сопствениот народ и сопствената држава и ништо повеќе од тоа.

-Тие знаат дека се прочитани. Но мораат да се храбрат, па така ги слушаме најавуваат се и сешто, па долго ќе траело, па ќе држеле собири низ градови и ќе настапувале порадикално, ова Заев се силел пред неговите неодамна, па којзнае што ќе објавеле и ние демек од тоа треба да се уплашиме и да прифатиме дека со сечените, монтираните и креирани телефонски разговори, ние треба да се повлечеме и на соработникот на странските служби, без избори и народна волја да му ја дадеме државата да ја раководел и да ги решавал големите прашања, а на странската служба да и го направиме меракот и да и ја реализираме целта. Ние знаеме што правите и за кого и за чии интереси работите! Народот не ви се плаши, народот ве прочита и ова не ви поминува! Македонија знае да ја препознае разликата и да види што правите!, рече премиерот.

Тој потсети дека пред некое време од опозицијата се обиделе да направат конструкција и класична манипулација поврзана со изградбата на автопатите и напорите на ВМРО-ДПМНЕ да издејствува пониски цени и најповолни услови за државата да ги прикаже како нешто друго, со цел да ги компромитира, истакнувајќи дека тоа е лага и долна конструкција.

-Претходно, со креирани разговори и ставање на нивни креиран контекст на сето тоа, се обиде да внесе сомнеж дека сум купувал земја, имот кој не сум го пријавил, што веќе јавно го демантирав. Од тука сакам да му порачам, џабе пробуваш да не оттргнеш од проектите и делата кои ги градиме за Македонија и нашиот народ, не само што се градат во исто време три автопати како никогаш до сега, туку ќе се гради и нов четврти автопат Гостивар – Кичево, затоа што тоа е иднината на нашата држава. Голема инфраструктурнамрежа, патишта, автопати, водоводи и канализации, нови училишта и болници, тоа го правиме и ќе го правиме и тоа нема да запре. Знаеме ние дека тоа е целта, дека меѓудругото и тоа ги боли, зошто одиме напред, зошто земјата се гради, зошто фабрики почнаа да се градат, тоа им пречи. Некој очигледно не сака Македонија да оди напред и што измислил, да го искористи човекот и луѓето околу тој човек кој многу лесно може да им помогне. Ние нема тоа да го дозволиме, проектите ќе продолжат, има се поголем број инвеститори кои сакаат да инвестираат, набргу ќе соопштиме уште, тоа значи нови работни места, тоа значи помош за македонската економија, ангажман на домашни компании, директна помош за македонските семејства. Слушам во последно време се почесто се зборува дека откако видоа дека ова што го прават не им проаѓа кај граѓаните, ќе пробаат да инсценираат и да искреираат случај кој ќе разгори меѓуетнички тензии, додаде премиерот.

Груевски подвлече дека мора сите да бидеме максимално присебни и да не дозволиме да го направат финалето за кое оваа нивна операција е измислена. Да не дозволиме да не закрват ниту по политички ниту по верски и етнички линии.

-Тука мора сите заедно да помогнеме во тоа. Да се разговара со нашите соседи, пријатели, со сите наши сограѓани, да не дозволиме да успеат во сценариото што тие го исконструирале. Институциите ќе направат максимум такво нешто да не се случи и стабилноста да опстои. И ќе опстои. Замислете Зоран Заев се обрати до членовите на ВМРО-ДПМНЕ минатиот пат. Еве ве прашувам дали сакате вие да му се обратите на него? Македонија го дава својот одговор, овој одговор го слушаат сите, секаде. Народот е наша страна и тоа е нашата најголема сила. Да живее Македонија!, заврши Груевски.

 

 

Оцени ја веста

29.03.2015 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега