Уапсени девет лица поради криумчарење мигранти

 

Министерството за внатрешни работи во текот на изминатите неколку дена реализираше седум одвоени случаи на криумчарење мигранти при што до надлежното ОЈО поднесени се кривични пријави против деветмина македонски државјани.

Како што соопшти МВР, за осум од страна на судија на претходна постапка е одредена мерка притвор - за шест лица во траење од по осум дена, за едно лице во траење од 30 дена и за едно лице одредена е мерка претпазливост.

Во рамки на реализацијата на овие случаи откриени се 43 илегални мигранти од кои 40 од Сирија, еден од Авганистан и двајца од Пакистан кои се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје.

Во првиот случај кривично е пријавен А.А.(17) од Сопиште, скопско, кој е спречен во обид со товарно моторно возило марка „мерцедес“ со скопски регистарски таблички да прокриумчари 18 сириски државјани, меѓу кои седум деца на возраст од седум години до тринаесет месеци.

- Од страна на УПС од БПСА Демир Капија на патниот правец Гевгелија-Скопје кај тунелите кај Демир Капија забележано е товарно моторно возило чиј возач, пријавениот А.А, откако ги забележал униформираните полициски службеници, го запрел камионот и се побегнал кон внатрешноста на тунелот. Тој е фатен во тунелот, а во возилото се откриени 18 сириски илегални мигранти. Од страна на судија на претходна постапка на А.А. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, се наведува во соопштението.

Во вториот случај при вршење патролна служба во реонот на местото викано Клучка Детоил на автопатот за ГП Табановце било  запрено патничко моторно возило марка „опел вектра“ со кумановски регистарски таблички управувано од пријавениот М.С.(26) од Куманово во кое биле откриени тројца илегални сириски мигранти,  кој што требало за сума од 75 евра да ги пренесе до кумановско Лојане. Судија на претходна постапка на М.С. му одреди мерка притвор во траење од осум дена.

Во третиот случај во близина на селото Смоквица, на автопатот Е 75 од Гевгелија кон Скопје, сопрено е патничко возило марка „голф“ со скопски регистарски таблички, сопственост и управувано од пријавениот Е.З. (35) од Арачиново, во кое се откриени двајца илегални мигранти - еден од Авганистан и еден од Пакистан. И за пријавениот Е.З. од страна на судија на претходна постапка одредена е мерка притвор во траење од осум дена.

Во четвртиот случај кривично пријавен е Ш.С.(41) од Скопје, кому од страна на сдудија на претходна постапка исто така му е одредена мерка притвор во траење од осум дена. На локалниот пат Гевгелија - казино Принцес – с. Богородица, пријавениот во возило марка „BMW 530 D“ со скопски регистарски таблички прифатил три лица, сириски мигранти со илегален влез и престој во РМ од кои едниот го сместил во просторот за багаж со намера да ги превезе до с. Лојане - Куманово. - Но, на автопатот Е-75 Гевгелија - Скопје  поточно кај клучка Гевгелија при обид да биде сопрен од полициска патрола нагло запира со возилото и почнал да се движи во “рикверц“ при што  со задниот дел од возилото удира во полициско службено моторно возило предизвикуваjќи сообраќајна незгода. Пријавениот по сообраќајката побегнал, но веднаш е спречен и лишен од слобода, се наведува во соопштението.

Во петтиот случај за време на претрес од страна на полициски службеници од Полициската станица Свети Николе во стара куќа во село Кнежје, сопственост на А.Т. од Свети Николе, откриени се тројца илегални мигранти од Сирија. Тие од страна на А.Т. биле донесени во куќата барајќи претходно од него место каде што можат да се сместат и одморат. Потоа побарале од него за 30 евра да ги пренесе до Куманово, но А.Т. не се сложил. По целосно расчистување и документирање на случајот против А.Т. ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

Во шестиот случај кривично пријавени се три лица, Д.Р.(42), Б.С.(32) и А.Б.(25), сите од Скопје, за што од страна на судија за претходна постапка на пријавените лица им е изречена мерка притвор во траење од осум дена. Пријавените по претходен договор и со намера да прифатат и превезуваат илегални мигранти се упатиле од Скопје кон Гевгелија при што првопријавениот со возило “голф” со скопски регистарски ознаки прифатил и превезувал осум илегални мигранти од Сирија и Пакистан, додека второ и третопријавениот  во улога на претходница требало да го известуваат и предупредуваат првопријавениот во случај на полициски патроли со намера илегалните мигранти да ги превезат до Куманово.

Во последниот случај кривично пријавен е И.Х.(50) од Куманово за што од страна на судија за претходна постапка на пријавеното лице му е изречена мерка на предпазливост. - Имено, на патниот правец Гевгелија-Скопје кај наплатната рампа Отовица од страна на полициски службеници запрено е возило „сеат алхандра” управувано од пријавениот при што во возилото се пронајдени шест илегални мигранти од Сирија кои пријавениот имал намера да ги превезе до Куманово, истакнуваат од МВР.

 

Оцени ја веста

28.03.2015 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега