„Република“: Урбана басна- Заjакот го победи папата
Една „грешка“ ја заинтригира јавноста и внесе голем немир кај дел на „Павел Шатев“. Споменувањето на името на екслидерот и икона на СДСМ, Бранко Црвенковски, но во екстра-негативна и манипулаторска конотација во и така крајно манипулативните, вонконтекстни и монтирани аудиоприкаски, го отвори прашањето за интенцијата на слушателот со црвени очи. Заев го мести папата или БЦ повторно му помага во дигањето на рејтингот?-пишува „Република“.
Срцето јуначко и овој пат не издржа. Во новиот момент создаден од анархистичкиот занес и дополнително поведен од воајерската еуфорија во партијата, новиот лидер, влезен во бунтовнички филм, секако без причина, не можеше а да не удри по сопствениот идол. Повторно… Опиен во панкерско-анархистичкиот занес на филмот „Убијте ги своите идоли“ и уривањето на самозамислени табуа, режими и ветерници, најверниот слушател на творештвото на кантавторот Зоран Верушевски се осили и го чепна човекот што го создаде, а истовремено и амнестираше и него и синот на споменатиот автор и тон-мајстор. По цена на отворање меѓупартиска војна, новопечениот лидер со стаж десетпати помал од претходниот, ги искористи моментот и ситуацијата. Имајќи предвид дека неговите соработници со неверојатна леснотија во преписката на „Скајп“ зборуваа за предизвикување граѓанска војна во државата, битка во партијата би била обична смешка и микроколатерална штета за обезбедување на тронот, кој, воедно, гарантира и делумен имунитет од законските инстанции, објавува неделникот.
Самиот слушател со црвени очи неколкупати јасно и гласно ѝ тврдеше на јавноста дека тој лично ги преслушува сите разговори. Тогаш, логично е да се прашате како му се провлекло вакво сочно парче. За некого необјасниво, но Заев „случајно“ во етер пушти разговор во кој челници на ВМРО-ДПМНЕ разговараат за понудата на Црвенковски на локалните избори во 2013 година за „преврат“ во Центар и во Карпош, т.е. вмровци да гласаат за Андреј Петров, против Стевчо Јакимовски, а сдсмовците за возврат да гласаат за Тодоровиќ и да го изиграат Жерновски?! И така „бомбата“ повторно пукна во дворот на социјалдемократите. Тогашниот лидер, иконата на СДСМ, преговарал за конкретна изборна местенка, без бугарски возови и други алатки патентирани во 90-тите години на минатиот век токму од „државотворната“ партија, која сега наголемо го урнисува имиџот на истата таа држава?
„Република“: Црвенковски не е Папандреу
По последните избори во Грција многумина на СДСМ му ја предвидоа судбината на ПАСОК, не толку одамна владејачка партија, која сега со едвај некој пратеник влезе во Парламентот. Истовремено, таму имаше уште еден преседан. Долгогодишниот лидер на партијата, Џорџ Папандреу, чијшто татко Андреас е и основач на ПАСОК, настапи со сосема нова партија. Неговото Движење на демократски социјалисти не го помина ни прагот за влез во Парламентот. Доколку истиот случај го отелотвориме во Македонија, би имале многу поинакви резултати. Анализите велат дека ако Црвенковски реши да оди на избори надвор од СДСМ, со нова партија, тој, најверојатно, би освоил повеќе гласови од матичната организација. Објаснувањето е јасно, за најголемиот дел од членството и симпатизерите, токму тој е еден и единствен, неприкосновен носител и симбол на СДСМ. Сите други ликови се минливи и менливи…
Целиот текст прочитајте го на РЕПУБЛИКА
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа