Градоначалникот на Илинден даде отчет за сработеното

Општина Илинден е една од општините каде што најмногу се гради, и општина со изразена динамика во повеќе области, потврдено со статистички податоци и според други компаративни фактори.

          Иновативноста е одлика во работењето на локалната самоуправа, иновативниот пристап и користење на иновативни техники и методи претставува водилка, мотивација и нов фактор на раст. Користење на применлив модел за индустриски-економски зони, начин на привлекување и задржување на домашните и странските инвестиции, крајна грижа за инвеститорите, добро стратешко позиционирање, покажаа дека, ваквиот пристап на решавање на проблемите и реализација на проектите, резултира со постигнатите ефекти за развојот на општина Илинден.

          Поволните услови што Општина Илинден им ги нуди на инвеститорите, ниските цени на градежното земјиште и малите давачки за инвеститорите, како и интензивни вложувања во квалитетна патна и комунална инфраструктура, придонесуваат  за влез на нови инвестиции и проширување на постојните.

          Нови две компании, странски инвеститори, од почетокот на јуни  станаа дел од бизнис семејството во Општина Илинден. На јавното наддавање за  земјиште наменето за стопански развој, сопственик на една од парцелите на која ќе се гради откупно дистрибутивен центар за земјоделски производи, со површина 87 000 м2, стана турскиот инвеститор Атајмач. На втората парцела  од 20 000 м2 во истиот стопански комплекс, сопственик стана Германски инвеститор Г.Р.А.Д. Екологија. Вкупната вредност на инвестициите изнесува околу 15 милиони евра.

          Преку проширување на бизнис семејството на општина Илинден се создаваат услови за отворање нови работни места и обезбедување на нови вработувања.

Во претходните два месеца, на електронско јавно наддавање понудивме 70 парцели наменети за изградба на станбени куќи за индивидуално домување, и подготвуваме уште 150 парцели, со површина од 400 до 500 м2 , за објава во третиот квартал. Градежните парцели се наоѓаат во новата населба „Јака“, која  се наоѓа на само 10 километри од центарот на градот Скопје, се простира на површина од 28 хектари и опфаќа вкупно 500 парцели за изградба на семејни куќи, трговски центар, хотелско сместувачки капацитети, забавен парк, спортски терени и простор за собири.

          Воведовме, и први отпочнавме да ја применуваме новата услуга „е-кат шалтер“, во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности.

          Издадовме 2500 решенија и согласности за легализација на бесправно изградени објекти, од прифатените 6100 барања.

          Активностите на Општина Илинден во овој период се насочени кон изградба на два сегмента од канализацискиот систем, во нас.Илинден и населено место Кадино. Во тек се градежни активности на овие два сегмента со поставување на канализациски цевки и шахти во должина од 8000 м. и две пречистителни станици со капацитети од по 1250 е.ж. (еквивалент жители), а градежните активности треба да завршат до крајот на годината.

          Ја отворивме првата Општинска библиотека Илинден, во месец Мај, сместена во новиот Дом на култура, во насока на кревање на нормите, вредностите и стандардите во образованието, на развојот на културата, чувањето и негувањето на културните вредности. Останувајќи доследни на ветувањето целосно се посветивме во реализацијата на проектот - отворање на „Општинска библиотека“, откако претходно создадовме услови за тоа со изградбата на Домот на култура „Илинден“, кој беше предаден во употреба во ноември минатата година. Библиотеката во чии рамки се наоѓа и читална располага  со повеќе од 10.000 книги во кои се опфатени и преводите на книги и учебници од проектите на Владата на Република Македонија.

          Воведуваме средно образование, стартот на новата учебна година во Општина Илинден ќе биде одбележан со уште еден голем успех во областа на образованието. Од први септември годинава, во новоизграденото  модуларно училиште, за првпат во Општина Илинден  воведуваме средно образование,  електортехника, информатика, комуникациска технологија и автоматика.

          Од областа на културата успешно ја реализиравме 14-та Литературна манифестација „Илинден 2013“, во Домот на култура „Илинден“, со промоција на 12 нови наслови на книги.

 

          Моите заложби се да  продолжиме со целосна посветеност, активно работење на идентификуваните приоритетни области за развој, инфраструктурата, јавните услуги, локалниот економски развој, руралниот развој, образованието, спортот и културата, со цел интензивирање на економскиот раст и развој.

Интегрален текст.

најчитано сега