Брок: Опозицијата да се однесува според правилата - бојктот на парламентот мора да престане
Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Елмар Брок, на денешната дебата „Улогата на парламентарците и нивните земји во реформскиот процес на патот кон ЕУ” во рамки на дебатата за политичка култура и дијалог со претставници од парламентите на земјите-кандидати од Балканот, порача дека една опозиција во земјата мора да се однесува според правилата и дека бојкотот на парламентот мора да престане во случајот со Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на оваа дебата на која од Македонија присуствуваат и Антонио Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Радмила Шекеринска, Лидија Димова и Љупчо Јосифовски (СДСМ), Брок испрати силна порака дека опозицијата во една земја мора да биде заштитена од притисок, но и дека мора да се однесува позитивно.
Според германскиот европратеник, во Европската унија има различни историски и културни позадини и понекогаш ова го отежнува разбирањето за некои прашања во Европарламентот оти сите доаѓаат со различни приоритети.
Политичката култура, според Брок, значи дека мора да се научи дека мора да постои систем на проверка и рамнотежа на самите институции и во самите институции. Судовите, според искусниот германски европратеник, мора да се отргнати од влијание, да се независни, а уставните судови не може да бидат надгласани со просто мнозинство во парламентот.
Според Брок, истото важи и за правилата за работа на парламентот и ако има правила според кои опозицијата може да формира анкетни комисии, да дебатира, тоа и дава шанса на неа да дебатира, па и да запре одредена појава. Овие правила тој рече дека мора да се почитуваат и мнозинството не може да биде над правилата и тоа и обезбедува права на опозицијата.
- Не верувам дека опозицијата треба да биде лојална, но секако, мора да има начин за соодветно, позитивно однесување. Не е правилно да не се присуствува на работата на парламентот и истиот да се бојкотира. Тоа е опструкција. Во рамките на системот во парламентот, опозицијата исто така има право да опонира и да каже не, ова треба да престане. Таа може да работи да ја уништи власта, но опозицијата мора да се однесува во рамки на правилата и да не го бојкотира парламентот и мора да присуствува на неговата работа - гласеше пораката на Брок до социјалдмеократите во Македонија.
Според првиот човек на најголемиот Комитет во Европарламентот, во кој се гласа и за Резолуцијата за Македонија во однос на евроинтеграциите, една Влада е избрана за одреден период, со мандат од четири-пет години и таа е законска Влада се додека има мнозинство да продолжи да функционира како Влада.
- Тоа е правило кое мора да се разбере, дека Владата избрана со соодветно мнозинство има период во кој треба да работи. Овие начела може да функционираат ако има конструктивен политички дијалог. Мора да има подготвеност и покрај разликите меѓу политичките групи, да има соработка во парламентот за да се овозможи примена на правилата. Мора да се соработува на агендата и опозицијата и позиција да се усогласат за агендата на дневниот ред и временската рамка, за да може да се спроведат правилата и да бидат прифатливи за сите - дециден беше Елмар Брок.
Германецот нагласи дека мора да има конструктивен дијалог и тоа не значи опозицијата да се согласи со ставот на Владата, но дека конструктивна соработка значи примена на правилата за работа на парламентот. Според него, станува збор за практично функционирање на парламентот и ако не се применуваат овие правила, се намалува просторот на опозицијата да го искаже своето мислење.
Германскиот европратеник беше дециден дека понекогаш има поголеми интереси на земјата, кога е потребна мешавина од општ интерес, па дека затоа силната опозиција не може да биде љубезна кон Владата и нивна должност е да не бидат такви, но дека и двете страни мора да се придржуваат кон правилата и мнозинството и малцинството мора да се придржуваат кон правилата за функционирање на парламентот.
На крајот на дебатата, Брок посочи дека е заинтересиран за тоа како ќе се одвиваат работите во Албанија и во Македонија во однос на обвинувањата и судските процеси. Тој уште еднаш повика опозицијата да биде конструктивна во тој процес и посочи дека „опозицијата не смее да биде неконструктивна и треба да ги користи правилата”.
Оцени ја веста
24.03.2015 - 11:13
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа