Охрид, Струга и Поградец го прославија 21 јуни – Денот на Охридското Езеро

 

Со пригодна свеченост на Градскиот плоштад во Охрид и стартот на кружниот велосипедски маратон денеска беше одбележан 21 јуни - Денот на Охридското Езеро. На манифестацијата присутвуваа градоначалниците на трите града на охридското крајбрежје, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, на Струга Зијадин Села и на албанскиот град Поградец – Артан Шкембиј.

Бакрачески пред присутните на Градскиот плоштад на манифестацијата по повод Денот на езерото истакна дека кај институциите на трите градови постои желба, мотив и енергија за реализирање на сите цели насочени кон заштита на езерото.

- Нам ни преостанува добро да се организираме, да ги утврдиме нашите приоритети и заеднички да пристапиме посветено кон реализиција на зацртаните проекти и визии за просперитет на целиот регион, рече Бакрачески во својство на домаќин на манифестацијата.

Градоначалникот на Поградец, Шкембиј нагласи дека токму езерото е она што ги прави блиски трите града, како и дека многу досега е сторено за негова заштита, нагласувајќи дека тука не треба да се застане туку и во иднина да се преземаат активности за негова заштита како светско природно богатство, неслучајно заштитено од УНЕСКО.

За струшкиот градоначалник Села Охридското Езеро претставува значаен фактор што го детерминира животот на населението во регионот, од богатствата што тоа ги нуди – како извор на вода за пиење, преку туризмот, земјоделството, до научно-истражувачките дејности.

Тој изрази уверување дека ваквите активности како што е прославата на Денот на езерото ќе придонесе за подигнувањето на свеста кај населението и институциите за важноста од неговата заштита, што мора да биде спроведена преку соработка на сите субјекти, се со цел тоа непроценливо богатство да се остави како трајна вредност за генерациите што доаѓаат.

Првиот ден на летото и најдолгиот ден во годината 21 јуни да биде прогласен за Ден на Охридското Езеро беше донесена во 2000 година, како одлука на членовите на Бордот за заштита на езерото.

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, како активист за заштита на нашето најголемо приридно богатство, истакна дека езерото никако не смее да биде заложник на економскиот развој.

- Развој мора и треба да има, но во никој случај на штета на езерскиот еко-систем, порача Пановски.

Стартот на рекреативната кружна трка околу езерото што традиционално по четврти пат ја организира Велосипедскиот клуб „Екодром“ од Охрид го означија токму тројцата градоначалници, Бакрачески, Села и Шкембиј.

најчитано сега