Груевски: Јакнење на политичките и економските односи - целта на посетата на Бразил

 

Премиерот Никола Груевски синоќа во Бразилија се сретна со потпретседателот на Федеративната Република Бразил Мичел Темер.

Премиерот Груевски на средбата со Темер разговарал за продлабочување и унапредување на добрите односи кои владеат меѓу двете земји.

- Ова е прва посета на Бразил од ваков тип од страна на премиер на Република Македонија.  Целта е зајакнување на политичките односи со Бразил. Бразил е исклучителна значајна држава во светот не само во Јужна Америка, таа е водечка земја во Јужна Америка, меѓутоа е и значајна во светот особено по создавањето на иницијативата БРИК. Она што е исто така важно е зајакнување на економските релации. Имаме доста ниска размена и на трговија, и на бизнис, и на инвестиции, изјави премиерот Груевски.

- Инициравме склучување договор за одбегнување на двојното оданочување за да може кога инвеститори ќе дојдат во Македонија да не плаќаат данок и во едната и во другата држава и обратно. Инициравме во иднина, исто така, да се размисли и за договор за слободна трговија, иако тука може да се каже дека Бразил е веќе во длабока фаза на преговори и потпишување договор за слободна трговија со ЕУ, па во една блиска иднина, кога и ние ќе станеме членка на ЕУ, на некој начин ќе влеземе во една таква релација, рече Груевски.

Потпретседателот Темер, од негова страна, возвратил дека веднаш потоа и тие би отвориле дипломатско претставништво во Македонија.

- Македонија е млада држава со многу можности на национален и на меѓународен план. Во Бразил сме заинтересирани за мултилатерална соработка со многу земји. Ние ги охрабруваме компаниите од сите сектори - градежништво, енергетика, да ги посетат тие земји и да воспостават соработка. Ние ќе ја охрабриме нашата бизнис-заедница да ја посети Македонија и да ги види можностите за правење бизнис таму, рече Темер.

Покрај средбите во политичкиот дел од посетата, во економскиот дел е одржана презентација на можностите за инвестирање во Македонија.

- Во главниот град Бразилија пред одреден број инвеститори, претставници на компании, на бизнисмени ги презентиравме кои се можностите за правење бизнис со Македонија. Покажаа интерес. Ние тука веќе имаме испратено бизнис-промотор, којшто ќе продолжи да работи со нив, којшто ќе продолжи да ги контактира, да им дава дополнителни информации доколку им требаат со цел дел од нив да се привлечат да дојдат во Македонија, да се уверат во условите и да прават бизнис во Македонија, да инвестираат. Така што тоа е главната цел на оваа посета на главниот град на Бразил, рече премиерот Груевски.

 

најчитано сега