Обвинувањата на Заев пропаѓаат- тој знаел дека Пендаровски ќе изгуби од Иванов
Дека изборите ќе ги загуби со огромна разлика лидерот на СДСМ Зоран Заев знаел и пред истите да се реализираат. Анкетата којa за внатрепартиски потреби непосредно пред изборите ја изготвила агенцијата Рејтинг на Ѓорѓи Спасов, како што неодамна објавивме, покажува дека актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов убедливо води пред Стево Пендаровски.
Денешните обвинувања на Зоран Заев пропаѓаат во вода. Заев многу добро знаел дека ниту СДСМ на парламентарните, ниту Пендаровски на претседателските избори нема да освојат победа и мандат.
Според анкетата изготвена од поранешниот генерален секретар на СДСМ и министер за правда во владата на Црвенковски, Ѓорѓе Иванов уживал огромна поддршка меѓу граѓаните изразена со 61% наспроти неговиот противкандидат од СДСМ Стево Пендаровски за кој позитивно мислење имаат двојно помалку граѓани или нешто над 33%.
Оваа анкета која лидерот на СДСМ ја криел од сопартијците, покажува дека победата на претседателот Иванов на изборите е чиста. Дополнително потврда за ова е и фактот дека резултатите од испитувањето на јавното мислење комплетно се поклопуваат со оние кои ги потврди Државната изборна комисија по вториот круг од изборите на 27 април минатата година.
По ова се отфрлуваат сите тврдења на Заев дека претседателската победа на нивниот кандидат Пендаровски била украдена, а дотолку повеќе станува јасно дека лидерот на СДСМ ги знаел резултатите од изборите уште пред тие да завршат и дека свесно ја лажел и својата партија, но и целата јавност дека изборите биле фалсификувани.
Заев не ги призна резултатите кои ги знаел уште пред граѓаните да излезат на гласање. Лидерот на СДСМ многу добро знаел дека неговата партија и кандидатот за претседател Пендаровски немаат доверба од граѓаните и дека ќе ги загубат изборите.
Уште поголема тежина има оваа анкета затоа што е изработена од човек близок до раководството на СДСМ. Сегашните обвинувања на Заев не се реални. Она што тој денес го зборува звучи како задоцнето алиби на губитник, коментираат познавачите на состојбите.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа