Како препишуваат студентите и средношколците во Македонија?

 

Весникот „Дневник“ анализира како мамат студентите и средношколците во Македонија. Професорот Марјан Гушев од ФИНКИ, вели дека најекстремен случај со кој се сретнал е кандидатка која си ги имала испишано нозете со материјалот за препишување.

Првиот човек на средното електротехничко училиште во Скопје „Михајло Пупин", Ефтим Пејовски, вели дека во неговото училиште, професорите се трудат едукативно да влијаат врз учениците кои се фатени како препишуваат и да ги натераат да сфатат дека грешат со таквите постапки, пренесува Дневник.

За професорот Марјан Гушев од Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство(ФИНKИ) најзагрижувачки е тоа што кај нас, студентите го сметаат препишувањето за нормална и вообичаена активност, додека на странските универзитети мамењето е голем срам.

- Најекстремен случај што сум го видел е кога кандидатка си ги имаше испишано нозете со материјал за препишување. Секако дека беше дисквалификувана од тестирањето. Сме се соочиле со секакви ситуации и техники што ги користат да препишат. Kај нас многу од тестовите се прават и електронски, па се обидуваат да најдат готови бази со одговори на прашањата. Ме загрижува ова однесување на студентите. На странските универзитети студентите сметаат дека со тоа што си го платиле факултетот треба да добијат знаење и тоа им се главен интерес и цел. Го ценат времето и знаењето, вели Гушев за Дневник.

Студентка во втора година на Природно-математичкиот факултет во Скопје за „Дневник“ вели дека податоците кои не може да ги меморира, си ги пишува на мали ливчиња.

- На тестирањето често ни се случува да добиеме прашања во кои се бараат многу податоци, па се снаоѓам и си ги запишувам. Некогаш ги ставам под хулахопките и се потсетувам за некоја формула. Досега не ме фатиле. Имам колеги што користат и шпионски блутут-буби кои се стават во уво и нема шанси некој да забележи, вели студентката.

На интернет страниците и социјалните мрежи постојат совети и примери за тоа како може да се препишува. Студентите и учениците смалуваат книги, пишуваат ливчиња кои ги вметнуваат во пенкалата и рачните часовници. Препишувачите печатат и посебни етикети од пијалаците, на кои наместо составот и информациите се напишани решенија од некој предмет.

Извор: Дневник

најчитано сега