ВМРО - ДПМНЕ: СДСМ поднесе целосно неосновани тужби
СДСМ поднесе целосно неосновани тужби без никаква правна аргументација, се вели во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ, по денеска поднесените три кривични пријави до Јавното обвинителство од страна на СДСМ.
- Денешната постапка на СДСМ е штур и површен пристап за дефокусирање на јавноста од законските процедури против Зоран Заев. Овој чекор на СДСМ нема никаква правна логика и аргументација. Ако СДСМ и Зоран Заев мислат дека на ваков начин ќе се извлечат, дека ќе се амнестираат себе и соработниците од нелегалните и незакоски дејствија, со кои самите се втурнаа во кал, а се обидуваат да ја втурнат и државата, треба да знаат дека се лажат, се посочува во реакцијата.
За овој случај, стои во соопштението од ВМРО - ДПМНЕ, на Заев не му требаат адвокати со силни роднински врски во обвинителството и судството, доволно е, се подвлекува, да консултира студент од прва година на правниот факултет и веднаш ќе му објасни дека неговите тужби се неосновани, а делото кое го прави е казниво по законите во Република Македонија.
По признанието на Зоран Заев за блискоста и соработката која што ја имал со Зоран Верушевски и неговата фамилија, по неговото признание дека постоеле шифрирани пораки и по признанието на останатите учесници во целата афера, се подвлекува во реакцијата, очигледно на СДСМ, како и на целата јавност им станува совршено јасно за сценариото кое што е готвено од страна на Заев, неговите соработници и странски центри.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа