Опустошена и уништена црквата "Свети Георгиј" во Лазарополе

 

 

Од црквата "Свети Георгиј" во Лазарополе, вчера се украдени повеќе вредни икони изработени од 16 до19 век, како и реставрираната престолна резба.

Група крадци, стои на веб страницата на Бигорскиот манастир „Св.Јован Крстител“, успеале да украдат дел од престолните икони и други ретки икони од 16, 18 и 19 век, цел горен ред од иконостасот, па дури и старата и неодамна реставрирана престолна резба.

По кражбата во црквата е оставен пустош. Влезната врата е распарчена, иконите се искорнати од ѕидовите.

- Оваа жална слика е само еден тажен потсетник за нас дека едно непроценливо богатство што некогаш го красеше овој раскошен храм е неповратно заминато. Осквернавен е најубавиот храм во Мијачкиот крај, храм прочуен по својот редок и вреден иконостас, но и по доста богатата галерија на стари икони кои датираат од 16 до 18 век, информираат од Бигорскиот манастир.

Храмот посветен на Свети Георгиј неодамна беше реставриран во сета своја убавина. Тој со години ги плени и поклониците и туристите, восхитувајќи ги со својот прекрасен и уникатен лик.

најчитано сега