Со велосипеди околу Охридското Езеро
По повод Денот на езерото, во петок, четврти пат ќе се одржи традиционалната рекреативна обиколка на езерскиот брег со велосипед под мотото „Заобиколи го езерото, почитувај го езерото‘‘. Обиколката е во организација на велосипедскиот клуб „Екодром“ од Охрид
Новина за оваа година е што за учество во трката ќе се уплаќаат по 150 денари партицијапција, а средствата од трката ќе бидат наменети за хуманитарни цели, како помош за ранливите категории граѓани во општина Охрид.
Стартот на трката е предвиден за 11 часот, а предвидената маршрута води од Охрид преку Струга, Калишта, Ќафасан, Лин, Поградец, Љубаништа, Трпејца, Пештани назад до Охрид. Учество во трката најавија и градоначалниците на Охрид, Поградец и Струга, кои и лично со велосипеди ќе учествуваат во дефилето низ охридските улици, со што симболично ќе биде означено отпочнувањето на проектот „Критична маса – велосипедистите во сообраќајот“.
Иницијативата за тој проект потекнува од 1992 година во Сан Франциско кога група од триесетина велосипедисти со дефиле низ градските улици го кренаа гласот против возачите на моторните возила.
Иницијативата масовно е прифатена во светот, а во Македонија веќе се спроведува во Скопје и во Тетово.