Почина првиот анестезиолог во Македонија

 

Во својот дом во Скопје почина доц. д-р Ристо Ивановски, првиот анестезиолог во Македонија, заслужен за втемелувањето на анестезиолошката дејност, во 1954 година на Хирушката клиника во Скопје, соопшти Здружението на анестезиолози на Република Македонија.

Доц. д-р Ивановски беше еден од првите тројца специјалисти по антестезиологија во поранешна Југославија, а во 1959 година избран и за прв доцент по анестезиологија на Медицинскиот факултет во Скопје. 

Роден е во 1914 година во Прилеп. Медицински факултет завршил во Белград, во 1942 година. Во 1946 бил на специјализација по анестезиологија во Белградската главна воена болница како ученик на истакнатите англиски анестезиолози д-р Дејвис и д-р Шекелтон. 

Во 1948 година бил пратен во Воената болница во Загреб и станал прв и единствен анестезиолог во тогашна Хрватска, каде што ја  дал првата ендотрахејална анестезија.

Во Скопје дошол во 1954 година и почнал да работи на Хирушкото одделение во Воената болница каде што останал до пензионирањето во 1978, како полковник во тогашната Југословенска народна армија.

Историски момент за анестезијата во Македонија е крајот на јуни 1954 година кога на Хирушката клиника во тогашната Државна болница во Скопје дал анестезија на абдоминална операција што ја вршел проф. д-р Оберхофер. Во 1950-тите години  бил на усовршување во Единбург и Лондон. По пензионирањето бил професионално ангажиран во Алжир, како претставник на Санитетското одделение на Армијата.

По повод смртта на доц. д-р Ристо Ивановски, утре во 15 часот ќе се одржи комеморативна седница во Градската општа болница „8 Септември“. Погребот ќе биде извршен на 20 јуни на Градските гробишта „Бутел“ во 10 часот.

најчитано сега