Параноја

 

Она што Заев и Шекеринска го нарекуваа бомба што ќе ја собори владата на Груевски за три дена, се случи минатиот понеделник. Неделата помина, а владава е таму каде што е. Не мрда. Значи, бомбава не добаци до Илиндeнска, што и се гледа.

Чурна нешто на "Бихаќка" од тој најавуван ефект, ама чадот остана таму. Еве, од таа чурава цела недела ветреат во штабот на СДСМ, па нема нов прес со нова објава на прислушувани разговори. А тоа за нив беше битна недела. Клучна, и ја загубија.

Заев кажа дека има докази за прислушување на 26.000 граѓани. Тоа беше на почетокот на пресот. После пола саат, ја скрати бројката на 20.000 прислушувани. За пола саат, за цела четвртина се намали бројката на Заев... Богами, стабилна најава.

Заев и СДСМ не дадоа никаков доказ дека се прислушувани баш 20.000... остана така, фрлена бројка од тепка, па кој верува нека верува, кој не - тогаш не е од наша.

Колку за показ дека Заев во старт мува и лаже, да се знае дека во онаа комунистичка Југославија, со 22 милиони жители и полиција без оганичувања, имало 14.500 прислушувани граѓани за 45 години постоење на државата.

Значи, нема 20.000 прислушувани во Македонија.

Ако има, Заев треба да им ги објави имињата, или телефонските броеви... каков и да е технички доказ дека е така. А нема да ги објави, затоа што - ги нема.

Ако СДСМ навистина има снимки од телефонски разговори на 26.000 граѓани кај себе, а објави само 20-50... 100 од нив, каде се другите, и зошто се кријат разговорите помеѓу функционери на СДСМ. Со оваа муважа СДСМ држи за гуша и во страв многу луѓе. Бидејќи тие луѓе не знаат дали се во фиоката на Заев. Останува секој да се плаши од СДСМ и стравува дека е еден од 20-те илјади, и да не им се најде на патот во иднина.

Тоа е состојба на создавање колективна параноја.

Заев не одговара никому, освен на својата партија. А ни таму не одговара, затоа што ги држи за гуша сите со нивните телефонски разговори. Што значи, кога ќе му се ќефне, ќе го брцне рачето во фиокчето, и ќе те извади тебе од таму. Тоа е голема закана.

На Алсат јавно им се закани на Црвенковски, Пендаровски, Жерновски... дека ги има нивните разговори, а нема да им ги даде. Ќе ги чува за гаранција на фотелјата.

Не е опасност дали ваши податоци има институција, секаде е така. Опасно е ако ги има параноичен ментол кој јавно се заканува дека ќе преземе и врши власт со таа закана.

И Фејсбук ги има сите ваши податоци од компјутерите, сликите, фајловите, вклучително сите мејл адреси и пасворди. Па сепак, не се симињате од Фејсбук. Е, сега, дали би биле мирни ако наместо Фесјбук, сите тие податоци ги имаат СДСМ и Заев...

Кога од СДСМ шест месеци најавуваа бомба, експлозија која за една недела ќе бутне влада... јавноста своите очекувања ги крена на максимум. А тоа е голем ризик. Ситуација или-или... Или имаш нешто што обара од прва, или си блефер и рекетар кој шест месеци дига тензии за ништо, освен за сосема личен ќар. И казната од јавноста доаѓа.

Согласно спиновите кои низ муабети по кафани шест месеци ги ширеа од СДСМ, неделава требаше да видиме: договор со Грците за продажба на името... доказ дека убиствата кај Смилковско Езеро се монтирани... сметки на државниот врв во странство со банкарски кешови над 100 милиони евра по човек... докази дека сите избори на кои победиле ВМРО-ДПМНЕ биле наместени... нарачани пар убиства... Тоа се чекаше.

Тоа спинерите на СДСМ го најавуваа како бомба, и тоа јавноста ја напали да очекува подзината конечно и да го слушне, и види, од СДСМ неделава.

Но, не видовме ништо. Ниту ќе видиме такво нешто.

Го видовме Заев снимен во кабинетот на Груевски како седи како учениче кај класната, и се заканува дека има материјали од странски служби, па за да не ги објави подобро да си замине Груевски сам.

Арно ама, овој не си замина. Се преслушал во себе, седнал со тимот и длабински ги подраспрашал да не има некој индивидуално некоја дубара правено... па, кога се констатирало дека Заев напразно рекетира, му тупнаа пријава за рекет кон државен орган, а премиер е токму тоа и, за разлика од Заев, со видео снимка ги докажаа своите обвинувања дека дечкото се спуштил на ниво на приучен рекетар.

Заев ја има таа воајерска навика да се занимава со тајни телефонски снимки на луѓето, и од копање по нивните приватности да црпе сила за делување и настап.

Па не така одамна Ден Дончев, поранешниот генерален секретар на ВМРО кој е избркан од партијата, му дал на Заев наводни снимки од телефонски разговори на Груевски за продажбата на Македонска банка... и, што бидна со тоа. Заев не покажа доказ, доби пресуда за клевета, и треба да плати 50.000 евра отштета.

Патем, Заев покажа дека е мал формат за такви игри. На судењето го откри изворот, го кажа Ден Дончев, дека тој му ги дал снимките. Кој, после тоа, ќе има доверба во Заев.

Заев го кажа изворот, странските разузнавачки служби, и на разговорот кај Груевски. Како што го потврди изворот и со писмото кое му го упатил на Верушевски дека странски премиер и амбасадор обезбедиле се што треба, и дека ќе се делува наскоро...

Како и секогаш порано, Заев и тука се дообјаснува сам себе. Вели дека преку странски премиер и амбасадор, всушност, барал работа во странство за Верушевски кој со години немал работа во Македонија, па него му се натажило и решил да помогне.

Ова па е дубиоза невидена. Заев има фирми, со респективни приходи, и може да го запосли Верушевски кај себе кога сака. Како што Минчо Јорданов си ги вработува кај себе директорите на Државна безбедност, да бидат формално шефови на чуварите, а потоа со Горан Митевски бистри политика, и ровори по туѓи животи и архиви.

Што тоа поранешен директор на ДБК би работел во странство?!

Заев демек троши кредит на лидер на опозиција кај странски премиери и амбасадори за да го запосли Зоран Верушевски... при толку незапослени инженери, лекари... во СДСМ. Можел да се погрижи и за Јани Макрадули, Емилијан Станковиќ или Горан Минчев, кои имаат подобри квалификации од Верушевски, а немаат работа.

Ќе да е нешто друго дружбата со Верушевски, а не барање работно место. Што е другото, ќе покаже содржината на материјалите најдена во неговите компјутери.

Тезата дека полицијата незаконски прислушувала македонски граѓани, и владата треба да падне заради тоа... значи дека СДСМ нема ништо навистина компромитирачко за Груевски и тимот, па се фаќа за принципи.

Ако швалерај, кој е општа фолклорна појава, е последното што им останува како закана за компромитација... значи дека не им останало баш многу. А за швалерај има подоста податоци и сведоци за многумина, и од едната и од другата политичка страна.

Да не излезе следното: неколку луѓе во полиција, за своја сметка, повремено кога се на смена симнувале разговори кои им служеле за трговија и за лично богатење. Дел продавале на странци, а дел на домашни купувачи од политиката, бизнисот... Некој ги платил, а првите сознанија зборат за износ над 100.000 евра, да соберат разговори и да му ги предадат на Заев, плус разговори снимени од странски служби, односно по нивни налог снимани во Македонија од нивни соработници...

Не само снимањето, и самото поседување такви снимки е кривично дело.

Да се потсетиме, снимана беше Викторија Нуланд, заменик-државен секретар на САД, и објавена нејзината изјава: Кој ја ебе Европа, нив за ништо не ги бива... Сниман и објавен беше Путин од разговор со норвешкиот амбасадор... Снимана беше и германската премиерка Меркел... па никој во полицијата на САД, Русија и Германија не одговараше за тоа, затоа што нема доказ дека снимките се направени со државно знаење и налог.

Заев изјави дека само јас сум повеќе прислушуван од него... не му било јасно зошто, ама така било. Нормално, секој сака да има туѓа моќ и влијание под контрола. Притоа, Заев не понуди доказ кој ме снимал. Јас пак имам доказ дека сум слушан бар два пати од грчка служба: еднаш на одмор, а втор пат при посета на самит на ОБСЕ во Атина.

И што сега... нека слушаат. Така е дваесет и кусур години, а јас сум се уште овде.

Тао што Заев сака да ми спакува гнев кон Мијалков, не поминува.

Ни во Америка, ни во Германија, ни во Грција... ни во Македонија, не е вест дека некоја моќна јавна личност од политиката, или од каде и да е, е прислушувана. Вест и скандал е дека некој човек, и тоа политичар, а не државата... има снимки од туѓи разговори кај себе, и со нив плаши јавност и уценува луѓе, што се гледа од снимката на средбата кај Груевски. А со прес-конференциите тоа само се потврдува.

Па ако е тоа добро и нормално, зошто никој во светов досега не го направил ова што Заев го прави сега... Во Украина направија државен удар, но никој не излезе со снимки од урнатиот премиер Јанукович и неговите министри. Во Хрватска Санадер го влечеа по патос со понижувања кои беа невкусни и за гледање... но никој не се дрзна да ја растура државната безбедност, и да се заканува со негови телефонски снимки.

Ако Заев успее, а нема да успее во ова - ќе почнеме да продаваме туѓи телефонски и видео снимки на огласи, преку интерент... резултати од медицински тестови, наоди од гинеколози, изјави од деца кои ги плукаат родителите, сестри што се жалат од браќата... Па, кога ќе тргне бизнисот, ќе се монтира се што носи профит.

А профитот ја диктира играта. Како и во аферата "Бомба"... тоа е старо правило.

Со Заев, во Македонија прислушувањето стана бизнис. Ние станавме роба на лагер која чека испорака по негов налог.

Еден човек, наместо да ја лекува сопствената параноја, се обидува да не вовлече сите во неа.

Дека сме исти. Е па, не сме исти. Не сме совршени, но сме нормални.

Драган Павловиќ- ЛАТАС за Вечер

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега