Рикер до Заев: Неопходно е наоѓање решение за името
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера оствари средба со Филип Рикер, заменик помошник на државниот секретар на САД, надлежен за европски и евроазиски прашања.
Од СДСМ информираат дека на средбата, Рикер ја потврдил заложбата на САД дека и понатаму остануваат сериозно заинтересирани и посветени за состојбите во регионот.
- Рикер уште еднаш го потенцираше значењето на мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на Република Македонија и притоа силно ја истакна поддршката што САД и ја даваат на земјава за полноправно членство во НАТО и ЕУ, соопшти СДСМ.
Говорејќи за наметнатиот спор од страна на Република Грција околу уставното име на Република Македонија, Рикер ја истакна неопходноста од брзо изнаоѓање на взаемно прифатливо решение и притоа укажа дека егзистирањето на македонската држава е суштинската гаранција за македонскиот идентитет.
Спомнувајќи го примерот на Србија и Косово тој укажа дека сериозно лидерство значи донесување на храбри одлуки. - Србија и Косово се доказ дека секој проблем и спор на Балканот може да се реши со соодветна методологија и пристап, констатираше Рикер.
Претседателот на СДСМ Заев го запозна заменикот помошникот на државниот секретар на САД со генералните планови на новото раководство на СДСМ, визијата и насоките во кои во иднина ќе се движат политиките на партијата. Воедно претседателот Заев ја истакна и се заблагодари на поддршката што САД континуирано и ја даваат на Република Македонија во нејзините евро-атлански аспирации.