Средба Бесими - Рикер: Евро-атлантската перспектива на Западен Балкан останува заеднички интерес на Македонија и САД
Европската интеграција на Република Македонија и значењето на овој процес во однос на стабилноста и развојот на земјата и регионот се темите на кои разговараа денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими и заменик помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Филип Рикер, кој престојува во посета на Република Македонија.
На средбата беше позитивно оценето формирањето на Анкетната комисија за настаните од 24 декември, со што, се посочува, се дава сигнал дека Република Македонија има институционални капацитети кои можат да го дадат својот потенцијал во напредокот на земјата, во насока на исполнувањето на европските демократски стандарди и Копенхашките политички критериуми.
Воедно, на средбата, се укажа на потребата од што поскоро разрешување на прашањето за името со поголем ангажман од двете страни инволвирани во ова прашање, со цел евроатлантската перспектива на Македонија да стане реалност.
- Евро-атлантската перспектива на Западен Балкан останува заеднички интерес на Република Македонија и Соединетите Американски Држави, констатирале Бесими и Рикер.