Кризата во Грција ќе „сотре“ уште 800 работни места
Останувањето без работа на 2.600 вработени од грчката државна компанија за радио и телевизија-ЕРТ веројатно ќе биде проследено и со кастрење на уште 800 други работни места меѓу службениците во државните органи, кои претстои да се намалат или затворат, соопшти електронското издание на весникот „Катимерини“.
На седумнаесет организации им претстои затворање, а други 53 ќе бидат претопени во рамки на владините планови.
Тоа ќе засегне над 1.300 државни службеници, од кои околу 800 ќе останат без работа, а другите ќе бидат префрлени во мобилни екипи.
Атина се договори со „Тројката“ меѓународни кредитори до крајот на оваа година да скрати 4.000 државни службеници и 15.000 до крајот на 2014 година , напомена весникот.
Во вторникот вечерта грчката влада неочекувано ја соопшти одлуката за затворање државната компанија за радио и телевизија-ЕРТ и создавање нова компанија со помалку персонал, што предизвика бран од протести во земјата и критики од меѓународните медиумски организации.