Џафери: Европа не е безбедна без целосно интегриран Балкан
На денешната конференција во Охрид, земјите претставници од А5 форматот искажаа подготвеност за соработка и здружување на капацитетите за учество во мисиите и за продолжување на учеството во мисијата ИСАФ и по 2014 година.
Македонскиот министер за одбрана Талат Џафери го пренесе заклучокот од денешната конференција на министрите за одбрана на земјите-членки на САД-Јадранската повелба „Здружено кон глобалниот мир и безбедност“. Тој посочи дека неговите колеги од регионот искажале подготвеност да ја продолжат соработката во сферата на одбраната и безбедноста, за сите заеднички да можат да придонесуват кон поефикасна сигурност и безбедност.
Здружено, рече Џафери, можеме да придонесеме сите кон по голема сигурност и безбедност, како во регионот, така и глобално во светот.
- Имајќи предвид дека сите земји претставници од А5 форматот се учеснички во различни мисии надвор од нашите национални држави, уште еднаш ја искажавме подготвеноста дека во концептот на „паметна одбрана“, како концепт на НАТО можеме и регионално да ги здружиме нашите капацитети со што ќе ги намалиме трошоците во учеството во мисиите надвор. Искажавме и подготвеност заеднички да настапиме во сите мисии понатаму, изјави македонскиот министер за одбрана.
Сите учесници, појасни Џафери, искажале подготвеност да учествуваат во мисијата ИСАФ предводена од НАТО и по 2014 година, имајќи предвид дека постои измена на таа мисија од воена во невоена.
- Министерството за одбрана на Република Македонија и сите други од земјите членки на А5, како и гостите кои беа присутни ја искажаа подготвеноста здружено да продолжиме со нашите заеднички капацитети да бидеме присутни на таа мисија во Авганистан. Сите ја искажавме и подготвеноста иницијативата А5 да се прошири и со другите земји од регионот, рече Џафери.
На конференцијата, според него, бил донесен и заклучок дека нема сигурен регион доколку целосно не се здружи во регионалната иницијатива.
- Нема безбедна и сигурна Европа, ако регионот Балкан, каде што припаѓаме не е целосно интегриран во заедничките колективни нешта во однос на безбедноста и во тој контекст сите ја поддржуваме иницијативата земјите кои не припаѓаат на оваа иницијатива да ни се придружат. Иницијативата е отворена по ова прашање и секоја земја кога ќе искаже подготвеност да ни се приклучи е добредојдена, рече Џафери.
Сите земји-членки на САД-Јадранската повелба, според него, даваат долгорочен придонес во меѓународни операции и во регионалната безбедност. Нашиот заеднички успех и унапредувањето на регионалната соработка е пристап на двојна добивка за мирот и стабилноста во регионот и пошироко.
- Уверен сум дека работејќи заедно, сме се поблиску до остварување на нашата заедничка цел – целосна евроатлантска интеграција на регионот и заеднички придонес кон глобалниот мир и безбедност, додаде Џафери.
Министрите за одбрана на земјите членки на А5 – македонскиот Талат Џафери, хрватскиот Анте Котромановиќ, босанскиот Зекерија Осмиќи, албанскиот Арбен Имами, амбасадорот на Црна Гора во Македонија Душан Мрдовиќ и американскиот амбасадор Пол Волерс на крајот од конференцијата потпишаа заедничка изјава.
За американскиот амбасадор Волерс, А5 групата претставува одличен форум за координирање на натамошниот развој на земјите од регионот и начин на кој земјите ќе чекорат понатаму кон евроатласнките интеграции.
- Конференцијата е одлична можност да разговараме како може повеќе да се подобри ефективноста и координацијата и да им се помогне на земјите да продолжат да се зголеми интероперабилноста, да се подобри начинот на функционирање на војските и да се постигне крајната цел евроатлански интеграции, особено интеграција во НАТО, рече Волерс.
Конференцијата „Здружено кон глобалниот мир и безбедност“ претставува континуитет на процесот воспоставен помеѓу земјите, со цел промоција на регионалниот дијалог, зајакнување на регионалната соработка, како и јакнењето на националните капацитети.