Детската болница во Козле доби модерен апарат за хемокултура
Детската болница за белодробни заболувања во Козле денеска доби нов современ апарат „бакталерт“ кој овозможува сигурна дијагностика на Туберкулоза. Донацијата вредна околу 15.000 евра е обезбедена од Ротари клубот Скопје и компанијата Тинекс.
Станува збор за автоматизиран систем за хемокултури кој овозможува истовремена работа на примероци од болни деца со фебрилни и септични состојби и заболени од Туберкулоза. Реагенсите за овој апарат содржат инактиватори, така да и за пациентите кои се веќе под терапија, што во вакви состојби е неизбежно, докторите ќе добијат многу брз и точен резултат, од кој многу ќе зависи и животот на пациентот и неговото опоравување.
„Бакталертот“ е најнов модел на производителот Биомерие Франција, кој е најголем производител во светот за автоматизирана микробиологија.
Речиси 80 одство од средствата за набавка се обезбедени од Ротари клубот Цирих, Швајцарија, со посредство на Петер Гут, поранешен Специјален пратеник на претседателот на Ротари Интернешнал за зоната за ширење, во која на времето припаѓаше и Македонија. Во проектот, како постојан соработник на Ротари клубот Скопје, со 135.000 денари се вклучи и компанијата Тинекс.