Меѓународна конференција за новите пристапи во археологијата

Најновите сознанија поврзани со научните пристапи кои се користат во археологијата и кои излегуваат надвор од елементарните археолошки методи ќе бидат презентирани на меѓународната конференција „Еден чекор понатаму: Мултидисциплинарен пристап во археологијата“(„One step Beyond: A Multidisciplinary Approach in Archaeology“).

На конференцијата што ќе се одржи во Археолошкиот музеј на Македонија ќе учествуваат повеќе истражувачи од Карловиот универзитет, Универзитетот на Јужна Бохемија, Универзитетот во Хајделберг, Природно-математичкиот факултет од Скопје, Археолошкиот музеј на Македонија, Градскиот музеј – Скопје и Универзитетот „Евро Балкан“. 

Ќе биде образложена примената на геофизичките, хемиските, палеоботаничките, археометриските, математичките и археозоолошките методи со помош на кои се прави многу потемелна и доследна реконструкција на околината и животот на луѓето во предисторијата.

Притоа, ќе бидат претставени разни истражувања вршени на повеќе локалитети во Чешка, Србија, Турција и Македонија, од каде се добиени сосем нови податоци за формите на растенија и храна, видовите животни, природната околина, мерните единици и хемиските својства на керамичките предмети.  

Конференцијата е резултат од научната соработка меѓу македонските и чешките археолози чија цел е да ги проучуваат геолошките процеси и формите на вегетација и храна присутни на неолитските локалитети во Пелагонија. Предвидено е резултатите од истражувањата и конференцијата да бидат публикувани во неколку меѓународни научни списанија. На тој начин ќе се презентираат придобивките на новите археолошки методи и меѓународните соработки, а воедно ќе се истакнат и специфичните обележја на предисториското културно наследство од Македонија.

 

 

Оцени ја веста

23.01.2015 - 09:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега