Дваесетгодишниот Климент најсреќен меѓу рибарите што се капеа во Охридското Езеро

Дваесетгодишниот Климент Довлев беше најсреќниот меѓу педесеттината верници кои денеска на Денот на рибарите влегоа во осветените води на Охридското Езеро. Тој успеа од петте буриња да го фати и извади единственото со црвено вино.

Довлев рече дека од своја четиригодишна возраст влегува во езерото за Денот на рибарите, а четврти пат скока по бурето со вино што го фрлаат организаторите на прославата по повод Собор на Свети Јован Крстител.

- Очекувам фаќањето на бурето во текот на оваа година да ми донесе пред се здравје, а потоа и се останато, рече Довлев, кој покрај бурето со вино доби и реплика на Чесниот крст што се фрла во Охридското Езеро по повод празникот Водици.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на сите верници што денеска беа на Градското пристаниште каде се одржа главната прослава им го честита празникот Свети Јован Крстител, на оваа манифестација за која како што рече, ја одбележува охридската традиција, верските обичаи и духот што провејувал низ вековите тука во Охрид.

- Ви посакувам сите да бидете благословени од Бога, нека вашите срца се исполнат со добра мисла, позитивна енергија, нека Господ Ви даде здравје, а оваа година да биде плодна на секое поле, рече Бакрачески.

Инаку, Денот на рибарите е продолжение на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици, односно фрлањето на светиот крст во водите на езерото во времето кога властите забрануваа верски одбележувања. Одреден број верници од Охрид и во тие времиња на Свети Јован скришно во раните утрински часови го фрлаа крстот во водите на езерото и на тој начин ја одржува традицијата.

Самата манифестацијата од година во година добива на масовност и содржајност и претставува уште една туристичка атракција, поради големиот број луѓе кои независно временските услови влегуваат во водите на Охридското Езеро.

Манифестацијата беше збогатена со штандови на кои локалните угостители точеа бесплатно вино и греана ракија, како и пржени плашици. Сите посетители на манифестацијата можеа да вкусат и од рибната чорба што во тритонски казан ја приготвија наставници и ученици на Средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“.

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега