Франција ја цени поддршката од Македонија

Министерот за надворешни работи и меѓународен развој на Франција Лоран Фабиус му се заблагодари на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за пораката со поддршка и солиданост упатена по повод минатонеделните териристички акти во Париз и нападот на весникот „Шарли Ебдо“.

- Терористичкиот напад врз весникот Шарли Ебдо ја погоди Франција во срце. Во име на француската влада и народ сакав да ви изразам искрена благодарност за силната порака на поддршка и солидарност која во овие трагични околности и ја упативте на Франција, вели Фабиус во пораката на благодарност упатена до Македонија.

Потребна ни е, додава францускиот министер, колективна и обновена определба за одбрана на слободите и заедничка борба против тероризмот.

- Франција ќе продолжи со напорите во таа насока и знам дека можам да сметам и на поддршката од вашата земја, потенцира Фабиус. 

Република Македонија преку своите институции и Министерството за надворешни работи минатата недела го осуди варварскиот напад на седиштето на весникот „Шарли Ебдо”.

- Во овие тешки моменти би сакале да ја искажеме нашата поддршка во борбата против ова варварство кое пркоси на вредностите кои ни се драгоцени, како што се слободата на мислење и изразување, напиша министерот Попоски во писмото до својот француски колега.

Тој додаде дека Република Македонија остро ги осудува овие кукавички акти на терористите и застанува рамо до рамо на страната на Франција во борбата против  тероризмот.

 

 

Оцени ја веста

16.01.2015 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега