Премиерот Груевски дел од најголемите инвестициски собири во Индија

Премиерот Никола Груевски учествуваше на Самитот Вајбрант Гуџерат, еден од најголемите инвестициски собири во Индија, на кој учествуваат политичари, директори на околу 50 глобални светски компании, како и 30 водечки дипломати.

Меѓу 7.000 гости на седмото издание на овој глобален инвестициски самит, кој се одржува секоја втора година, се генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, претседателот на Светска банка Џим Јонг Ким, американскиот државен секретар Џон Кери, како и првите луѓе на Сузуки корпорацијата, на Водафон Груп, Форд Моторс, Осаму Сузуки, Витори Колао и Давид Шох.

Шефот на Владата на маргините на глобалниот самит во Ахмедабад се сретна со неговиот индиски колега Нарендра Моди и порача дека индиските компании се добредојдени да инвестираат во технолошко-индустриските зони во Македонија. Тој имаше билатерална средба и со премиерот на индиската држава Гуџерат која е домаќин на самитот, Анандибен Пател, а разговараше и со претседателот на Светската банка, Џим Јонг Ким со кого ја констатираа одличната меѓусебна соработка, која постои во однос на реализација на повеќе актуелни проекти.

Разговор беше остварен и со државниот секретар на САД, Џон Кери, генералниот секретар на Обединети нации, Бан Ки Мун, како и со повеќе други премиери, министри и извршни директори на компании кои беа присутни на самитот.

Земји партнери на самитот се САД, Канада, Јапонија, Сингапур, Јужна Африка, Холандија, Велика Британија и Австралија.

За време на трите дена од самитот, како што пишуваат индиските медиуми, се одржуваат повеќе презентаци од страна на земјите учеснички, дваесетина семинари, како и околу 700 меѓусебни средби на присутните претставници на компаниите, но и средби со владините претствници, на кои се очекува да стане збор за можни инвестиции. 

Самитот, како што пишува дневниот весник Тајм оф Индија, се одржува во услови на досега невидени мерки за безбедност. Во Ахмадабад ангажирани се 12 илјади полицајци, меѓу кои и припадници на специјални единици, а на локацијата каде се одржува Вибран Гуџерат уште дополнителни 4.000 лица. Направени се и строги проверки на вработените во хотелите каде се сместени гостите. Со целата операција се раководи од три контролни центри. 

Првиот самит во Гуџерат се одржа во 2003 година. Поголемо значење, пишува весникот, самитот добива во 2007 година кога негов партнер станува Јапонија. Во 2011 сегашниот индиски премиер Нарендра Моди, кој потекнува од Гуџерат, го моделира Самитот според Давос и му го дава сегашното име Вибрент Гуџерат: Глобален бизнис собир. Во истата година на Самиот учествувале 101 земја, а во 2013 бројката се зголемила на рекордни 164 земји учеснички. 

Градот Ахмадабад, е еден од главните политички и економски центри на индиската држава Гуџерат. Има околу 6 милиони жители и е најголем град во оваа индиска држава. Списанието Форбс го прогласи овој град за 10. најбрзорастечки град во Индија. Бруто домашниот производ минатата година изнесувал 64 билиони долари.

Премиерот Никола Груевски, кој предводи владина делегација во економско-политичка посета на Индија, денеска ќе го посети градот Ченаи, каде на бизнис-форум ќе ги претстави можностите за инвестирање во Република Македонија.

Во состав на владина делегација се министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски.

Премиерот Груевски и владината делегација за време на престојот во Индија ќе ги посетат и градовите Калкута и Џајпур каде ќе бидат преставени можностите за инвестирање во Република Македонија.

 

 

Оцени ја веста

12.01.2015 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега