Македонија до јуни ќе биде во неизвесност дали ќе добие датум за преговори
Советот на министри на Европската унија за јуни месец ја одложи одлуката за носење на заклучок дали да се прифати препораката на Европската комисија за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата на денешниот состанок на Советот за општи работи во Луксембург речиси целото време го минаа во расправа за Повеќегодишната финансиска рамка.
- Во однос на проширувањето, најголем дел од дискусијата зазема петочниот договор меѓу Србија и Косово што е историски момент не само за овие две земји, туку и за цела Европа. Утринава, комесарот за проширување Штефан Филе ги презентираше извештаите за Србија и Косово, но и за БЈР Македонија. Засега само ги разгледавме истите и предлозите на Комисијата, додека на следниот состанок на Советот за општи работи во јуни, пред Самитот на Европскиот совет, ќе ги донесеме потребните одлуки, потенцираше првиот човек на Ирското претседателство со ЕУ.
Тоа значи дека, како и пред декемврискиот Самит на Советот, министрите за надворешни рбаоти на Унијата ќе ги донесат заклучоците на два-три дена пред следниот Самит закажан за 28 јуни во Брисел. Дотогаш нема да се знае дали Македонија по пет едноподруго препораки од ЕК ќе добие датум за почеток на преговорите за членство, за разлика од Србија, која утринава ја доби првата таква препорака, а веќе се предвидува дека во јуни ќе добие датум за преговори.
- Се согласувам со ставот на министрите на денешниот состанок дека ова е историски ден и пресвртница за Србија и Косово, но и за целиот регион на Западен Балкан. Со петочниот договор, овие земји покажаа дека заслужуваат да бидат дел од ЕУ, посочи комесарот за проширување Штефан Филе, потенцирајќи дека сега сите очекувања се дека Белград и Приштина ќе ги исполнат задачите од договореното.