Марјан Николовски: Распеани режимлии
“Се што е добро направено во Македонија, направено е без народот.” Звучи како цитат на Хо Ши Мин, ама не е. Наш е. Домашен. На Фрчко, професорот по меѓународно право е. Изворно демократски срочено, како што доликува на една фигура која сакаше да стане Претседател на државата. Колку ли е среќна државата што тоа не му успеа. Што не успеа да ја киднапира државата од граѓаните. Ако се следи логиката на оваа “наша македонско-демократска” максима, тогаш се што е лошо во државата го направил народот. А бидејќи народот ја изгласал власта, таа е лоша и мора да биде “ликвидирана”. Народот ја направи и државата, но и тоа е лошо, бидејќи ако му се дадеше на Фрчко и неговите ментори, таа 1991 да одлучуваат во име на народот и да донесат “народна одлука”, денеска ќе немаше независна Македонија. А, ако ја немаше Македонија ќе ги немаше ниту проблемите со кои се соочува денеска Фрчко и неговите. Тие најдобро знаат што е најдобро за државата. А кој е државата? Народот секако не. Елитата е државата!
Оваа генијална максима само ги исцрта контурите на крајната цел на опозициската стратегија. Да се биде дел од власта. Без разлика на начинот, без оглед на патот по кој ќе се стаса. Ништо друго не е важно, ништо не е вредно. Најбитно е се биде во една од, сега барокните, коцки покрај Вардар. Но, бидејќи до таму, очигледно е дека не може да се стаса преку гласање и избори, бидејќи нели народот носи погрешни одлуки и одлуки кои не се за доброто на државата, време е да се менува Уставот. Уставно да се гарантира дека секоја партија што ќе влезе во Парламентот да мора да биде партија на власт. Ако не сака, ќе го јаде. Има методи. Нема не сакам. Мораш!
Македонскиот уставен кројач, овој пат со имиџ на Че Гевара, веќе дефинирал како ќе изгледа таа иднина, најмалку барем во следните десетина години. Чека некој само да му ги даде “крклизите”. И така со Македонија ќе владеат сите. Техничка, техничка и само технича влада. Партиите требало да се укинат и избраните од Господ лидери да ја водат државата. И се така додека не ја изведат на прав пат. Нешто слично како малолетно сираче со државен старател. Според демократската дефиниција на опозицијата тоа се нарекува процес на демократизација. Политичко-теоретски, според предметот кој го предава професорот, тоа се вика комунистичко-тоталиарен режим.
68 дена, 5 часа, 12 минути и 33 секунди. Врти часовникот од бомбата на Заев. Тајмерот бил темпиран на 31 декември во 23 часот и 59 минити и 59 секунди. Така ќе заштедиме и на огномет. Ќе пукне и сите среќни ќе влеземе во новата година. Груевски ќе го снема, а петте илјади дедомразовци на Заев во новата ера ќе ги посетата вашите домови. Ќе ви поделат по еден шрапнел-документ од бомбата како сведок на едно мрачно вмровско време. На 1 јануари ќе отспиете, а од втори натака.. се знае… За де не се повтори, народот ќе биде подложен на едно темелно хемиско чистење. Се за доброто на државата.
На Али Ахмети му здосади да биде врховен командат, па стана национален лидер на Албанците. Сега пак му е досадно. Сака да стане врховен Поглавар. Го видел Стефана со Белата Пана, па сакал и тој да ја поноси. Убаво ќе му стои… Има таман Кефало за Бела Пана. За Василица ќе врти пита во Река, за Велигден ќе крши јајца со Синадиновски, а за Водици ќе скока во Серава.
Жељко Јоксимовиќ се ороди со Македонија. “Кум није дугме”. Му фали само пасош. Нека му каже некој каде е онаа работилницата што издаваат антикомунистички пасаоши. Ќе звони на врата, ќе се соблече, како што е ред и ќе заврши работа. Туку каде ќе гласа?
Слушнав дека на “Павелшатевска” веќе на големо се подготвуваат за “оправање” на државата по најавената експолозија. Заклучиле дека прво што треба да направат е да се ослободат од “заведувачите на јавноста”. Правеле список за апсење на оваа “штетничка” категорија. На тоа злосторничко здружение. Со Боцевски се договоривме заеднички да ја кажеме нашата последна желба, на која ваљда имаме право. Ако може во една келија да бидеме, јас, тој, Каракамишева, Влајко, Цаци и Сарма. Многу фино друштво за бриџ сме… И ќелијата да биде по можност блиску до таа на Мирка и Миленко, за да немаме проблем со уредувањето на ѕидниот весник. Со СДСМ на власт “слободата на изразување” ќе процвета и во затворите. За да нема кавги горе на “павелшатевска”, еве Лидија Димова може да биде управник на нашиот затвор за да деловува воспитно на нас, со цел да не го повториме делото, ако некогаш излеземе на слобода… Главен обвинител во нашиот процес нека биде Жарко Трајановски, ама судија… судија се знае… Владимир Милчин. И Геро имал една желба. Сакал тој да биде креаторот на имињата на акциите. Му лежи МВР, имал искуство во соработките. Акцијата ќе на наречел, “Распеани режимлии”.
Конкурирав за награда за новинарство. Не ја добив. Не бев близок со потребните.
Марјан Николовски - Новинар
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа