Србија не е обврзана да го уапси Шешељ - кој ќе го направи тоа ?

 

Хашкиот трибунал го продолжува циркусот со осуденикот Воислав Шешељ кој не сака доброволно да се врати во келија, па најверојатно ќе мора да го носат.  Хашкото обвинителство во понеделникот побара од Судскиот совет на Трибуналот да ја укине својата одлука од 6 ноември за привремено ослободување на Шешељ, анализира српскиот весник „Блиц“.

Главниот обвинител Серж Брамерц повеќе пати изјави дека поради процедурални причини нема да се жали. Од Хашкиот трибунал за Блиц изјавиле дека барањето на Брамерц стигнало до судиите кои ќе донесат одлука во догледно време. Кога точно, не прецизирале. Воислав Шешељ во секој случај нема намера доброволно да оди во хашкиот притвор.

„Јас не сум точната адреса на којашто треба да барате одговор на прашањето што ќе биде понатаму. Тоа е прашање за Александар Вучиќ и Томислав Николиќ. Сам нема да се вратам“ изјавил Шешељ.

Блиц го поставува прашањето кој ќе го апси Шешељ со оглед на тоа дека Србија не е обврзана да го уапси, и хронолошки ги реди случувањата поврзани со ова.

Судскиот совет донесе одлука за ослободување на Шешељ поради болест. Обвинителството не се жалеше. Услов 1: Шешељ да се врати кога ќе го повикаат. Услов 2: Белград да не му издава пасош. Шешељ се согласи на двата услови на Хаг. Европскиот парламент го повика Трибуналот да ја преиспита одлуката за ослободување на Шешељ. Обвинителството сепак одлучи да се жали. Судот со ниедна одлука не ја обврза Србија да го апси Шешељ на своја територија.

Директорот на Комитетот на правници за човекови права, Милан Антониевиќ вели дека Хаг е единствено виновен за лакрдиите со лидерот на радикалите. „Трибуналот сега мора да објасни зошто си поиграа со Србија и регионот. Нејасни беа условите за пуштањето на Шешељ на слобода, па сега е нејасно и што тој прекрши. Ги нарушија односите во регионот и вината за тоа можеме да ја препишеме само на Хаг“ изјави Антониевиќ.

Хрватскиот полициски генерал Младен Маркач во 2007 година беше вратен од Хаг во Загреб откако ги прекрши условите за привремено пуштање на слобода бидејќи заминал на лов.

Како причини за враќање на Шешељ во Хаг се наведуваат изјавите дека нема да одговори на повиците на Хаг, им се заканувал на луѓе кои соработуваат со Обвинителството и се покажало дека здравјето не го спречува да делува политички.

 

 

Оцени ја веста

03.12.2014 - 10:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега