Претседателот на Хашкиот трибунал Теодор Мерон во посета на БиХ

 

 

 

Претседателот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ИЦТУ) Теодор Мерон, кој се наоѓа во посета на Босна и Херцеговина, одби да ги коментира бурните реакции во јавност по пуштањето на слобода на хашкиот затвореник за воени злосторства Воислав Шешељ. 

- Ова не е момент. Овде сум да оддадам почит на жртвите во логорот Челебичи, а не да дебатирам за други прашања, одговори Мерон на новинарско прашање на коментар за тврдењето дека привременото ослободување на Шешељ е погрешен чекор на ИЦТУ. 

Според постоечките податоци Челебичи, во близина на Коњиќ во Босна и Херцеговина, во 1992 година бил логор на армијата на БиХ во кои имало најмалку 400 заробеници од кои 19 се убиени. 

- Тука сум да оддадам почит на жртвите на суровите и страшни дела извршени во логорот Челебичи пред повеќе од две децении, изјави Мерон. 

За воени злосторства врз српски заробеници во овој логор ИЦТУ во 2003 година осуди тројца поранешни припадници на Армијата на БиХ. Хазим Делиќ е осуден на 18 години, Есан Ланџо на 15, а Здравко Мучиќ на 9 години затвор. 

По посетата на Челебичи Мерон треба да го посети и селото Уздол, каде припадници на Армијата на БиХ убиле над 40 хрватски цивили и припадници на Хрватскиот совет за одбрана. 

Привременото пуштање на слобода на Воислав Шешељ и неговите изјави во јавноста во кои по враќањето во Србија повторно зборува за Голема Србија  предизвикаа остри реакции и осуди, а хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ незадоволството од ваквата одлука го пренесе во писмо упатено до претседателот на Хашкиот трибунал Мерон. Јосиповиќ во неделата потврди дека добил одговор од Мерон на писмото, во кој се наведува дека одлуките на судот не се во негова надлежност.

Јосиповиќ најави дека кон средината на декември Хрватска на седница на Советот за безбедност на ОН ќе ги изнесе своите ставови за јавните изјави на Воислав Шешељ, што Хашкиот трибунал од хуманитарни причини го пушти на привремена слобода.

 

 

Оцени ја веста

26.11.2014 - 14:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега