Николиќ: Не сме подготвени да го прекршиме Уставот заради Косово

Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска изјави дека ЕУ очекува од Белград да ги заврши преговорите со Приштина и целосно да го регулира својот став во врска со Косово.

- ЕУ не сака да постапи како во некои претходни случаи кога во членство прими држава што ги немаше регулирано своите внатрешни односи, рече Николиќ на заедничката прес конференција со еврокомесарот за источното соседство Јоханес Хан.

Србија, според Николиќ, не гледа никаков проблем да ги продолжи разговорите со приштинската администрација и да се примени се што е договорено, вклучувајќи го и формирањето на Заедницата на српски општини.

Тој, меѓутоа, предупреди дека нема далеку да се стигне доколку претставниците на Приштина продолжат да преговараат како да претставуваат независна држава.

- Според Уставот на Србија, ние не можеме со Косово да разговараме како со независна држава. Србија ќе мора да најде и друг претседател и друг премиер кои ќе бидат подготвени да го прекршат Уставот и разговараат со претставници на Приштина како со претставници на независна држава. Ние двајцата на тоа сигурно не сме подготвени, рече Николиќ.

Тој наведе дека дел од надлежностите од Еулекс преминале на приштинската администрација и дека е точно дека Белград нема премногу влијание врз тоа што се случува на територијата на Косово, но дека тоа влијание го имаат ЕУ и ОН и дека мораат за тоа да поведат сметка.

- Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН не ја признава независноста на Косово, туку наведува дека Косово е во составот на Србија и дека до конечно решение ќе се дојде со разговори, рече Николиќ и потсети дека дијалогот е во застој бидејќи не се знае кој ќе биде преговарач на косовска страна со оглед за фактот дека таму се уште не е формирана новата Влада. 

 

 

Оцени ја веста

20.11.2014 - 18:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега