Згасна млад живот на скопските улици - викендов 26 сообраќајки

Во текот на изминатите три дена на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 26 сообраќајни незгоди од кои во петокот се случиле 12. Од нив, седум се со последица материјална штета и пет со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле пет возачи на патничко моторно возило, еден сопатник и двајца пешаци.

Во сабота извршен е увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди. Од нив, три се со последица материјална штета и четири со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патничко моторно возило, еден сопатник и еден пешак.

Се случиле и три незгоди со последица тешка телесна повреда. Во едната со тешки повреди се здобил еден патник во автобус, во втората еден возач на мотоцикл и во третата со потешки телени повреди се здобил еден пешак.

Истиот ден се случила и една сообраќајна несреќа со загинато лице, која се случила во 16 часот и 20 минути на крстосницата од ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и ул. „9 Мај“ во која што учествувало патничко моторно возило „туарег“ со скопски регистарски таблички управувано од граѓанин на Скопје, роден 1994 година и пешак, исто така граѓанин на Скопје, роден 1998 година. Како последица на незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот кој со возило на Брза помош е пренесен во Ургентниот центар каде што во 19 часот и 25 минути им подлегнал на повредите. Од страна на увидна екипа од СВР Скопје, раководена од јавен обвинител извршен е увид на лице место, возилото е однесено заради вршење на технички преглед и вештачење и се работи на утврдување на причините поради коишто е дојдено до оваа сообраќајна незгода.

Во неделата извршен е увид на вкупно три сообраќајни незгоди. Од нив една е со последица материјална штета и две со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четири возачи на патничко моторно возило и еден сопатник.

Во текот на викендот од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се девет возачи за брзо возење, од сообраќај се исклучени 33 возачи коишто се затекнати како ги управувале возилата под дејство на алкохол, осум возачи кои не отстапиле предност на минување на пешаци на обележан пешачки премин, девет возачи коишто поминале на црвено светло на семафорите, како и 41 возач коишто го користеле мобилниот телефон или, пак, не го користеле сигурносниот појас за време на управување на моторното возило.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе продолжи со едукативните работилници во ОУ „Димо Хаџидимов“ со учениците од второ и четврто одделено, а исто така ќе продолжат и активностите во средните училишта на тема „Влијанието на алкохолот врз безбедноста во патниот сообраќај.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива. 

17.11.2014 - 09:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега