Жан Клод Мињон од денеска во Македонија

 

Претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Жан-Клод Мињон од денеска до 12 јуни ќе престојува во Македонија, каде треба да се сретне со државниот врв и со вицепремиерите за европски прашања и за спроведување на Рамковниот договор.

Според најавите, тој утре ќе одржи говор во Собранието на Република Македонија, а  предвидени се и разговори меѓу координаторите на пратеничките групи во македонскиот Парламент со неговата парламентарна делегација при ПССЕ.

- Целта на посетата е лично да констатирам она што стои во извештајот за постмониторинг дијалогот, пред неговото разгледување на пленарната сесија на ПССЕ. Ова е со цел да ги запознам моите соговорници со неговата содржина, изјавил претседателот на ПССЕ за МИА.

На прашањето кои пораки ќе им ги пренесе на соговорниците во Македонија, Жан-Клод Мињон одговори дека тие најмногу се однесуваат на коментарите содржани во извештајот за постмониторинг дијалогот.

- Има нешта кои се добри, има реформи кои се водени побрзо од другите, оваа земја „поранешна југословенска Република Македонија“ треба да одговори скрупулозно на сите обврски кои ги има преземено со членството во Советот на Европа.  Содржината на моите пораки ќе им ја  пренесам директно на моите домаќини, пред тие да се најдат во печатот, рече Мињон.

Во извештајот на Роберт Волтер, известувач на монитогинг-комисијата на ПССЕ за Македонија, е забележано дека земјата излегува од сериозна политичка криза. - Нормално е во сите држави-членки на Советот на Европа да се избегнат вакви и слични ситуации, како со таа со која се соочи земјата,  рече Мињон.

Во врска со евроинтегрирањето на Македонија, францускиот парламентарец и претседател на ПССЕ изјави: - Европската Унија има свои барања, тие се исти за сите земји кои чукаат на нејзината врата, евидентно е дека улогата на Советот на Европа е да ги придружи и води тие земји, кои исто така се членки на Советот на Европа, за еден ден да бидат примени во ЕУ. Ние сме организација која придружува и го дели своето искуство во областа на демократијата од 1949 година, истакна Мињон.

ПССЕ во своите заклучоци за извештајот за Македонија за кој ќе се расправа на крајот од месецов во Стразбур, не советува да се подигне постмониторинг дијалогот, иако земјата има постигнато напредок. Треба да се знае дека политичките услови, односно критериумите од Копенхаген во добар дел се во надлежност на мониторингот на Советот на Европа.

Инаку, во текот на целиот разговор, претседателот на ПССЕ ја употребуваше референцата ПЈРМ, иако како француски пратеник има потпишано петиција за признавање на земјата под нејзиното уставно име Република Македонија. Но по реакциите од грчка страна на една негова изјава во која тој наместо референцата го употреби усавното име, тој сега избегнува да го направи тоа, за да не предизвика „дипломатски инцидент“.

На прашањето дали ПССЕ можеше да игра поголема улога во решавањето на проблемот за името, кое ја кочи Република Македонија на патот кон ЕУ, Жан Клод-Мињон одговари: - Се надевам, мислам дека на еден начин заедно со сите партнери ќе мораме да најдеме едно решение за овај проблем. Но се разбира, заедно со сите партнери на кои тоа прашање се однесува. Советот на Европа нема вокација да го решава тој проблем, но се разбира има обврска да разговара и да се обиде да најде решение.

Во извештајот на ПССЕ за постмониторинг дијалогот со Македонија за  прашањето за името стои: „ПССЕ жали што прашањето за името продолжува да го одложува отворањето преговори за членство во ЕУ, иако за тоа има препораки секоја година од 2009 досега од страна на Европската комисија, како и обидот на Македонија за членство во НАТО, притоа без да се почитува од страна на Грција одлуката на Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) од 5 декември 2011. ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на ова прашање. ПССЕ ја поканува Македонија да го продолжи дијалогот под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето на името, како и да развива конструктивни односи со соседите, со тоа придонесувајќи за целокупната стабилност на регионот".